7 СОВЕТИ ЗА СЛЕДНИОТ СТИВ ЏОБС ОД БЕРОВСКО

Секој петок летово, креативниот директор на агенцијата Еден на Еден и водител на вашето омилено ток-шоу, Жаре објавува колумни инспирирани од секојдневната работа на тема бизнис, претприемништво, маркетинг и слично во т.н. Летна школа со Жаре. Истите се напишани за македонскиот бизнис сајт faktor.mk, а специјално за вас ги пренесуваме и тука.

Денеска – 7 СОВЕТИ ЗА СЛЕДНИОТ СТИВ ЏОБС ОД БЕРОВСКО

***

Во секојдневното работење се среќавам со голем број искусни и неискусни претприемачи. Според мене лично, фузија помеѓу младоста, пргавоста и искуството и зрелоста е добитна комбинација. Секогаш со респект зборувам за постарите мајстори на занаетот, но има и некои работи кои сум забележал дека се карактеристични за новите дечки на сцената.
Еве 7 совети кои сметам дека многу можат да им се најдат на младите претприемачи. Нешто што е токму по нивна мерка, иако далеку од тоа дека овие работи не можат да се видат и во навиките и карактерите на старите волци.

Имај верба
Како што Џордан не можеше да ги освои НБА титулите сам, така и ти не можеш да бидеш крал на пазарот без своите Пипен, Родман, Харпер, Кукоч, Кер и останатите… Можеби ти си “deal maker-от” или пак мајстор во оркестрирањето, но ако ги немаш гудачките секции, перкусиите и останатото, што ти останува да диригираш? Сите кошеви не можеш да ги дадеш сам, мораш да научиш да делегираш и да имаш доверба во способностите на другите.

Трпение – спасение
Тоа што имаш тим и тоа што кон кошот (да продолжам со кошаркарската метафора) не шутираш цело време ти, значи дека грешки ќе прават и сите други. Тоа не треба да биде фактор на обесхрабрување и разочарување. Треба време да се изгради правилниот тим. Патем ќе се прават многу грешни проценки и тактики. Навистина, никому не му се посреќило до толку многу што од прва го склопил целиот тим со кој станал шампион на пазарот. Мора да се биде паметен и циглите да се редат со разум, за кога ќе дојде волкот (или со берзански речник – мечката) да не успее да ти ја дувне куќата како кај двете други прасиња…

Трагај по новитети
Нема претприемач што не е константно во потрага по нови возбудливи можности, нови ангажмани, нови бизнис авантури. Со тоа што се втурнуваш во непознатото бегаш од својата комфорт зона, што ти овозможува секогаш да бидеш “на штрек” и никогаш да не западнеш во едноличност и монотонија во работата.
Во “Еден на Еден” почнавме од ТВ емисија, продолживме со продукција на видео реклами и евент менаџмент. Ниту тоа не ни ги задоволи апетитите, па влеговме во нови авантури со БТЛ маркетинг, компјутерска графика, копирајт услуги и откуп на медиа простор т.е. media buying. Додека да се свестиме, станавме комплетна маркетинг агенција, вистински one – stop shop. За кревање рачна? Немаме намера…

Прави дневни анализи
Еден од најголемите проблеми со кој можеш да се соочиш во бизнисот е мрзата. Се додека активностите во еден ден ти ги задоволуваат апетите и се додека мислиш дека си на прав пат анализирајќи си го дневниот“резултат” и завршената работа, се е ок. Во моментот кога ќе си кажеш “еј, ако вака продолжам, за некое време ќе има негативни последици”, нешто не штима. Како во бизнисот, така и во се друго.

Мечка страв, мене не страв!
Секој претприемач доаѓа до момент (всушност, доаѓа до многу такви моменти) кога мора да тргне кон нешто на слепо. Едноставно, коцките од мозаикот се во тој момент така вклопени да треба да се реагира инстантно, иако не се чувствуваш 100% подготвен. Ова е една од предностите на младите претприемачи. Мора да се има храброст. Најчесто, токму тие несигурни моменти ги даваат најмоќните резултати.

Ставај јасни цели
Во нашата компанија имавме сон да станеме вистински целосна маркетинг агенција која ќе ги опслужува клиентите со сите можни услуги кои ќе ги побараат. Ако се вратам 3-4 години наназад тоа изгледаше како речиси невозможна мисија. Но, тоа “речиси” е клучот.
Се додека имаш јасни цели за тоа каде сакаш да се најдеш во иднина и добар план како тоа реално да го исполниш чекор по чекор, се е во ред. Имање јасен фокус за тоа каде сакаш да се движи бизнисот е еден од најдобрите мотиватори, а добриот долгорочен план поделен на многу краткорочни е гарантот за крајниот исход. Неможноста да се визуелизира целта може да биде огромна пречка, пред се на психолошко ниво.

Не биди себичен
Една од клучните работи во бизнис успехот е тоа да ги држиш своите клиенти среќни. Не повремено, туку нон-стоп! А тие како и сите луѓе се среќни кога добиваат повеќе отколку заслужуваат, во случајов повеќе отколку плаќаат. За да можеш да си ОК со сето тоа, треба да си ја сакаш работата и да не бидеш себичен. Убавиот збор можеби отвора железни врати ама и повременото “бизнис частење” на своите клиенти знае да биде сосема функционален клуч. Искористи ги тие мали “трикови”. Направи клиентот цело време да се чувствува како нешто да ти должи.

Жаре

***

Прочитај ја првата колумна од летната школа (КАКО СЕ РАЗГОВАРА СО ВАСКО ЕФТОВ И ШАБАН ШАУЛИЌ) ТУКА