АЈДЕ ДА ГО НАПРАВИМЕ НЕЗАМИСЛИВОТО!

Секој петок летово, креативниот директор на агенцијата Еден на Еден и водител на вашето омилено ток-шоу, Жаре објавува колумни инспирирани од секојдневната работа на тема бизнис, претприемништво, маркетинг и слично во т.н. Летна школа со Жаре. Истите се напишани за македонскиот бизнис сајт faktor.mk, а специјално за вас ги пренесуваме и тука.

Денеска – АЈДЕ ДА ГО НАПРАВИМЕ НЕЗАМИСЛИВОТО!

***

Она што ние од приватниот сектор го мислиме за сите од јавниот сектор е исто – алал нека ви е, си клатите врата, работно време 8 до 4, после гасиш мозок, мераци…

Она што сите од јавниот сектор ни го кажуваат нам е исто – алал нека ви е, кога сакаш стануваш, кога сакаш работиш, кога сакаш не работиш, сам свој газда си, мераци…

Вистината, како што секој претприемач знае, е дека немаме работно време. Дека во приватниот сектор не постојат викенди. Едноставно викендите се нешто кое не се случува во нашите животи! Барем не во класична смисла… И навистина, ако размислите и направите една мала анализа ќе се уверите дека ако сакате да бидете еден од најдобрите во бизнисот, едноставно мора да работите секојдневно.

Ова важи дури и за моменти кога навидум се релаксирате. Коктели, родендени, забави… Секој професионалец си носи таква “клетва” што на секој од овие настани во својата глава размислува дека секоја социјална интеракција е можност за некакво бизнис поврзување. И јас како и сите од мојата фела во главата правам илјадници калкулации за тоа кој е човекот кого го запознавам, со што се бави, дали некогаш би имал потреба од услугите на мојата маркетинг агенција, дали е во блиски релации со некој кому би му требало нешто од мојата видео продукција итн. Навистина, кога вака сурово ќе се срочи и кога истово ќе го прочитам – воопшто не делува примамливо. Сепак, како што сите би ви потврдиле, многу е вистинито.

Но, ова на долги патеки е максимално неодржливо. Едноставно, во одреден момент ни треба посериозен одмор за да може да се регенерираме и со полни батерии да продолжиме со работа. Одлуката е проста – мора да се решиме од време на време да си дадеме повеќедневен одмор (јас практикувам 4-5 денови) за време на кој воопшто не смее да се заморуваме со работа, освен ако не се работи за некој проблем од катаклизмични размери. Од друга страна, ако дојде до тоа значи дека и вака и така не си ја завршил својата работа штом си оставил толку големи можности за бизнис апокалипса и дека не заслужуваш да водиш бизнис воопшто…

Ова можеби делува незамисливо и неостварливо, но од пракса знам дека ваков одмор има свои предности не само кај тебе како носител на најголемите одговорности, туку ќе има бенефити и кај твоите вработени и ќе служи како еден вид издувен вентил и нивен одмор од тебе! Интересно, но колку и да си совршениот работодавец, секој вработен понекогаш сака да си осети слобода и да ја врши работата токму така како што знае и умее самиот.

Првиот пат кога си дозволив ваков одмор, најголеми проблеми очекувано, имав со клиентите кои сакаа директна врска со мене во секој момент, 24/7 како што навикнале. Но, како што претпоставувате, деновите си поминаа во најдобар ред и се беше како што треба. Така и вториот и третиот пат кога почувствував потреба да го земам мојот неколкудневен одмор за полнење на бизнис акумулаторот. Се вратив на работа со посилна енергија, со посвежи размислувања, со поголем елан.

Секојдневната работа и неизвесноста на приватниот сектор знаат да бидат максимално исцрпувачки. Токму затоа од најголема важност е креирање на здрав и способен тим кој може да ги поднесе ваквите отсуства на лидерот кои на долгорочни патеки како што споменав, се исклучително позитивни по резултатите во работењето… Затоа, само храбро и пакувајте куферите!

Жаре

***

Прочитај ја првата колумна од летната школа (КАКО СЕ РАЗГОВАРА СО ВАСКО ЕФТОВ И ШАБАН ШАУЛИЌТУКА

Прочитај ја втората колумна од летната школа (7 СОВЕТИ ЗА СЛЕДНИОТ СТИВ ЏОБС ОД БЕРОВСКОТУКА

Прочитај ја третата колумна од летната школа (ШТО ИМ ТРЕБААТ ВАКВИ ГЛУПОСТИ НА ГУГЛ И МАРИНЦИТЕ?ТУКА

Прочитај ја четвртата колумна од летната школа (АКО ИМАШ ОДЕЛО, НЕ ЗНАЧИ ДЕКА ЗНАЕШ КАКО ДА ЈАДЕШ) ТУКА

Прочитај ја петтата колумна од летната школа (ВО СЕКОЕ ЛОШО ИМА ДОБРО – ДАЛИ ТОА ВАЖИ И КАЈ НАС?) ТУКА