КОРИСНИ БИЗНИС СОВЕТИ ОД НАЈПОЗНАТИОТ СВЕТСКИ БАСИСТ

Секој петок летово, креативниот директор на агенцијата Еден на Еден и водител на вашето омилено ток-шоу, Жаре објавува колумни инспирирани од секојдневната работа на тема бизнис, претприемништво, маркетинг и слично во т.н. Летна школа со Жаре. Истите се напишани за македонскиот бизнис сајт faktor.mk, а специјално за вас ги пренесуваме и тука.

Денеска – КОРИСНИ БИЗНИС СОВЕТИ ОД НАЈПОЗНАТИОТ СВЕТСКИ БАСИСТ

***

Секој што ме познава знае дека сум огромен фан на музика. Речиси од било кој жанр. Неодамна гледав документарец за Нејтан Ист. Човекот кој е можеби најпознатиот жив басист. Свирел со Ерик Клептон, Мајкл Џексон, Дафт Панк, Фил Колинс итн… Тоа ме заинтригира да прочепкам повеќе за типот, по што сфатив дека има одлични животни филозофии со кои многу се согласувам. Еве дел од нив –

Работи со професионалци

Нејтан вели дека е импресиониран од работната етика на дуото Дафт Панк, од упорноста на Бери Вајт и пожртвуваноста на Фил Колинс. И навистина, нема ништо подобро од тоа да се опкружиш со врвни професионалци. Она што го работам како професија сега, пред повеќе години ми изгледаше само како забава. Точно, го обожувам тоа што го работам и навистина ми е забавно работејќи и во моментов, но пристапот ми е поинаков. Не знам кога точно сум си рекол  “ааа, значи треба ова да го гледам како работна обврскааа”, но некогаш тоа се случило и од тој момент на се што правам му пристапувам професионално како хирург на операција, автомеханичар на расипан автомобил и сл. Едноставно, служба си е служба – дружба си е дружба. Во мојата кариера сум работел со навистина најдобрите од најдобрите во Македонија и од секого сум научил по нешто. Со прости зборови, можеби ќе мислиш дека знаеш како се снимаат скечеви и дека истото го правиш сосема во ред се додека не почнеш да работиш со Бранко Огњановски од К-15. Едноставно, кога ќе ги видиш најдобрите на дело и ќе научиш од нив, ќе ги кренеш своите можности до граници кои си мислел дека се недостижни.

Прави се, одеднаш

Во работењето на нашата маркетинг агенција сум се запрашал многупати дали е паметно да влетуваме во повеќе авантури одеднаш. Додека нашето тв шоу Еден на Еден е активно, навистина огромен дел од времето трошиме на него. Но, тоа никогаш не не спречило двојно повеќе време да трошиме на останати работи. Развивање нови проекти, снимање реклами и креирање рекламни кампањи за нашите клиенти, секакви БТЛ и АТЛ маркетинг активности, реализирање концерти и разни настани и што уште не. Искрено, јас лично никогаш не сум зажалил за сево ова. На крајот на краиштата, го работиме тоа што го сакаме. Кога го работиш тоа што го сакаш, огромен процент од потрошеното време во работа е уживање, така што алтернативата на тоа би била само повеќе слободно време за правење на “не знам што”. Во тоа се сложува и јунакот на денешнава приказна, Нејтан. Тој не само што е еден од најангажираните светски басисти, туку е и сертифициран магионичар, лиценциран пилот и успешен сопруг со двајца синови тинејџери. И што е најважно, се сложува со девизата – прави се и прави се одеднаш!

Медитирај

Нејтан вели дека медитира уште од 80-ите. Дека Џорџ Харисон од Битлси го навлекол на таа техника за расчистување на мисли и собирање енергија. И навистина, како човек кој и сам практицира медитација, се сложувам дека во денешниот хаос од обврски, времето одвоено строго за себе без никакви дистракции е клучно, ако не и најважно нешто за одржување простор во умот.

Спиењето е за слабаци

Отсекогаш ми било голема мака кога ќе ми закажат состанок пред 10 часот. Мака на квадрат! Една од неколкуте работи кои си ги имам поставено како цел за годините што престојат е да си го намалам времето што го поминувам во спиење. Најсреќните и најисполнетите денови од мојот живот биле токму тие кога сум бил приморан да спијам 5 до максимум 6 часа. Што заради целодневните снимања на Големи и Мали во детството, коментирањето на НБА во раните утрински часови во Спорт 4 или пак организирањето и реализирањето на шоуто Еден на Еден во последниве 5-6 години, деновите во кои “не сум имал време да мрднам” (иако комотно може и еден друг збор што се римува со овој) ми биле најубавите и вечерите после такви денови ми биле највесели и најрелаксирани, токму поради успешно завршената работа и чувството на исполнетост. Нејтан Ист вели дека спие само 4 часа на ден, но за тоа дава кредит на гените и природата бидејќи и неговиот брат како што вели тој, е ист како него. Но, не заборава да каже дека благословени се сите кои можат да си го дозволат тоа. Е па, Нејтан, пробувам другар!

Жаре

***

Прочитај ја првата колумна од летната школа (КАКО СЕ РАЗГОВАРА СО ВАСКО ЕФТОВ И ШАБАН ШАУЛИЌТУКА

Прочитај ја втората колумна од летната школа (7 СОВЕТИ ЗА СЛЕДНИОТ СТИВ ЏОБС ОД БЕРОВСКОТУКА

Прочитај ја третата колумна од летната школа (ШТО ИМ ТРЕБААТ ВАКВИ ГЛУПОСТИ НА ГУГЛ И МАРИНЦИТЕ?ТУКА

Прочитај ја четвртата колумна од летната школа (АКО ИМАШ ОДЕЛО, НЕ ЗНАЧИ ДЕКА ЗНАЕШ КАКО ДА ЈАДЕШ) ТУКА

Прочитај ја петтата колумна од летната школа (ВО СЕКОЕ ЛОШО ИМА ДОБРО – ДАЛИ ТОА ВАЖИ И КАЈ НАС?) ТУКА

Прочитај ја шестата колумна од летната школа (АЈДЕ ДА ГО НАПРАВИМЕ НЕЗАМИСЛИВОТО!) ТУКА