Писмо од Жаре – Отворено и искрено за Еден на Еден сезона 5

На 1 мај се пали скарата. Повеќето скари ќе се изгасат вечерта или утредента ама оваа нашава во Еден на Еден ќе пече ќебапи до август. Тимот оди на заслужен одмор и уште од старт си кажуваме да се знаете зошто следната сезона во лицата ќе бидеме топки т.е. како жителите на грашковград…

На 20ти април ја емитувавме последната Еден на Еден за сезонава. Бидејќи беше некаков си “best of”, за да ја измонтираме моравме да ги изгледаме сите епизоди. Прегледувајќи, се потсетив на многу моменти, па ми се виде интересно да ги споделам со вас, сите што не гледавте уште од првата Еден на Еден од оваа петта сезона кога гости беа Влатко Стефановски и Ацо Поповски.

А за таа прва епизода богами се изнамисливме… Дали да одиме на варијанта да земеме гостин што ќе привлече многу публика и да тргне работата така или да викнеме гостин кој нас ќе ни направи многу ќеиф и да не следи добриот Марфи и натаму (ако воопшто постои копилето). Се решивме на некаква комбинација од двете и го поканивме Влатко Стефановски. Цар! Фејворит во екипата, маестрален музичар, еден од луѓето со кои кога седам на кафе се чувствувам буквално гордо сам на себе и се штипам да видам дали е вистина. Добро, не се штипам… Ама само од причина што ако го правам тоа Влатко ќе си помисли дека сум нетокму и нема да ме дружи веќе. Втор гостин беше Ацо Поповски кој дојде да го испромовира неговиот филм “Балканот не е мртов”. Многу паметен и интересен човек. Мерак да ти е да си седиш со него и да си правиш муабети на триста теми… Во таа епизода Владо прв пат влезе во улогата на Поштарот. Фала богу со многу трема (која го следеше уште доооолго понатаму, не се лути Владо! :)). Другари сме сто години, работиме заедно 50, правел триста работи ама да глуми вицкаст поштар пред 5 камери и не било така лесно, како што ќе се увери набрзо самиот. Сепак, со тек на време и тој влезе во филм и стана ултрарелаксиран. Прашувате како? Пие пред снимање… Исто, за прв пат ги направивме и фејсбук/твитер прашањата кои ќе ги снимаме понатаму речиси во секоја епизода. Поголемиот дел од нив ни ги поставивте вие, а другите фала богу, ги смислија копирајтерите. А можевме многу попаметно да ги потрошиме парите. Колку кафани само отидоа во неповрат…

“Копирајтерите” се Владо, Медо, Љубиша, Иво и Мики. Од сите нив, само Медо се има изложено во јавност. Додуша, Медо има многу повеќе од себе изложено во јавност ама нема смисла за тоа да зборам. Не е ни ништо страшно, не дека се има сликано гол за твитер календар! (не, не, ич не…) Како и да е, секој еден од нив е прекрасен човек, одлично друштво за муабетење, другар и личност со исклучително добра смисла за хумор. Девојки и разведени помлади госпоѓи, навалете! Не знам што повеќе сакате кај еден маж… (Мики е женет. Него избегнете го… :))

Следеше епизодата со Игор Џамбазов и Дудо магионичарот кој освен во таа епизода се појави да направи трик уште еднаш понатаму во сезоната, на Миле Кузмановски. Дудо во таа емисија му направи трик на Ѓоко, продуцентот и кривецот за се што не чини во Еден на Еден. Во кратки црти, Дудо му рече на Ѓоко да си замисли било која карта што постои во шпилот и му погоди која карта ја замислил за пар минути! Тотално фер и без местенки, со помош на 7-8 прашања кои го насочија кон одговорот. Цел ден се чудевме како му успеа. Игор како Игор, секогаш шоу, секогаш професионално, секогаш со нови и нераскажани приказни. Доаѓа, си ја завршува работата и тера натаму. Маестро! Многу го сакам. Секогаш кога имам време му проаѓам дома. Има полно луѓе кои секогаш ми кажуваат дека ја гледале последната епизода и знаат да речат “јако беше она со Гига Мега” или “кај ти текна да му направиш тоа и тоа на тој и тој” ама Игор е еден од ретките кои искрено ми ја полнат душата кога ми го зборувааат тоа.

Кики Ивановска и Тони Зен беа гости во третата. Кики убава како и секогаш, својски откачена, супер гостинка. Фала богу, го искористив тоа што се знаеме и приватно, па лесно ја натерав да снимиме едно “Пуштање – начини на кои не треба да се пушташ на девојка”. Многу љубам такви глупи работи. Глупи, смешни и интересни. Тони ми гостувал многу пати досега, никогаш не бил досаден. Типче на место, висок, згоден и неверојатно интересен човек за да седнеш и да си ги правиш најлудите филозофски муабети на свет. Секако, не можеме тоа да го зборуваме пред камера, имаме само 15ина минути време, па морав да го прашувам за времињата кога работел по хотели во Турција (народ тоа сака, на народ тоа добива).

Следеше епизодата со Ванчо Димовски, Столе Стоилов и Ламбе. Ванчо и Столе, пикерите на македонската ракометна репрезентација. Двајцата избегани од институции… Со документи… 🙂 Столе ми е другар од средно и многу сум радосен за него и успехот негов зашто е супер дечко и ја заслужува секоја секунда и секој денар од тоа. Ване е брат на Анета, а со Анета се знаеме од А1, ми беше директорка едно време. Многу подолго ми беше директор Даре ама и таа стигна да ја засакам и почитувам еднакво како Даре, а Даре е мегакрал, па сега ти види! Затоа со посебен мерак се поздравувам со Ванчо кај и да го видам и ми беше многу мило што дојде во студио. А за она со институциите и Ванчо и Столе се шегував, многу јасно! (видете ја играта асоцијации со Ванчо, Столе, јас и Бозо од таа епизода, па проценете си :)) Чисто да се знае, во играта победивме јас и Ванчо ама ајде, бевме поделени демек Вардар и Металург во некои си тимови и глупаво беше еден да победи, па направивме да излезе нерешено… А Ламбе? Ламбе е путер човек, што би рекол Саше Политико за Лешоски во еден негов ваков сличен, со крајно различен жанр, познат еп. Тивок, мирен, насмеан. Ама извадивме супер муабети и со него. Си се отвори човекот и си кажа триста работи. Му предвидов точно дека ќе победи на Скопски фестивал. Некое време после тоа ме запираа на улица со прашања од типот “како ќе заврши вечер Манчестер”, “кога ќе е крај на светот” и “ќе се врати ли некогаш Арчи?” ама што да правам. Не сум јасновидец. Бев еднаш само, во епизодата со Ренато Вугринец…

Петтата епизода беше малку проблематична. За прв пат оваа сезона имавме еден гостин. Имаше многу што да се зборува зошто гостинот беше Коки, ептен тазе по смртта на неговиот другар, партнер во бендот, малтене брат, иако ни родени браќа во голем дел од случаите не се толку блиски како нив – Дуле. Се договаравме по телефон повеќе пати, а финално се решивме да снимаме и седнавме да ги средиме сите детали еден глуп, дождлив ден во Галија на кафе. Коки дотогаш имаше дадено само едно интервју за Вест ама телевизија е друго, преку половина час разговор пред камери е друго… Патем кажано, алал нека им е на Вест. Во сите сезони досега сум направил не знам колку ама се повеќе од стотина интервјуа и можам да кажам дека неретко тој кому му правам интервју, за темата за која е дојден има дадено само едно интервју дотогаш, и тоа само за Вест. Значи, седнавме, почнавме разговор и Коки ми кажа “те гледам секогаш, се е одлично, знам дека имаш по двајца гости речиси секогаш ама јас не би можел да зборувам на темава само 15 минути и притоа да бидам правилно разбран од тие што ќе гледаат. Ако е таков концептот не можам да дојдам.” Многу јасно. Коки требаше да каже многу за убавите моменти, за анегдотите кои ги имале милион, за свирките кои ги имале уште повеќе, да каже нешто за последните години кога проблемите се таложеле се повеќе и за неизбежниот трагичен крај, на Дуле како прав мајстор на живата свирка и на бендот како огромен и дотогаш единствен дел од музичката кариера на Коки која сепак мора да продолжи. Токму затоа како никогаш дотогаш и оттогаш пред снимањето се фокусирав на самиот разговор заедно со гостинот. Коки на сет успеа да биде приземен, иако бидејќи бев на метар од него цело време, гарантирам дека му беше претешко и едвај се воздржуваше да не се скрши. Снимивме исклучително интересно интервју, Коки го кажа тоа што немаше простор да го каже на друго место и му оддаде уште една почит на неговиот брат. Последна пред да продолжи со музичката кариера, сепак, единствена кариера која ја има. Искрено, ме импресионираше. Одличен човек. Многу ме израдува кога се јави лично да ме покани да дојдам на промоцијата на неговата нова група. За жал, бев на некое друго место, дали снимање или друго нешто ама навистина немав шанси. Да знаеш Коки.

Така тоа бива, после некоја понапната емисија со повеќе притисок, сакаш малку да се олабавиш. Епа поголемо олабавување од тоа прв гостин да ти биде легендата Ѓоко Хаџиевски и да си правиш муабет за Саудиска Арабија и Азербејџан, да ти раскажува како за малку ќе го носеле во арапски затвор и да ја изиграш најлошата партија фудбалче на Xbox во историјата, а втора гостинка да ти биде српска старлета и пејачка – нема! Џамбазов тоа го има кажано. Точниот цитат е “Пријателе, викни си некој фудбалски тренер од странство и балканска старлета. Оти еве ја кај е друга напната емисија. Утре ќе дојде за миг. Нема заебанција со телевизија… Пријателе… Пријателе… Пријателе…”

Следуваа емисијата со Кастратовиќ/Нацева и дечињата од Златно Славејче и емисијата со Слаткар, Тајзи и Викса. Едната неверојатно симпатична, со две прекрасни дами на нашиот спорт – Индира и Гоца и со едни од најголемите срциња на свет – четири од прекрасните златни славејчиња, а другата со “ не знаеш кој од кој е пооткачен” гости. Марко со врзани очи јадеше еклери, тулумби и што не и притоа ги погодуваше, а со Викса бричевме балони. Не ми се верува дека го пишувам ова ама да, бричевме балони :). Со Викса за интевјуто муабетевме неколку дена пред тоа во парк. Ладно – мраз, ние двајца стуткани во јакните и џуџестиот пинч на Викса трчка околу облечен во џемпер. Геј двојка пар екселанс!

Сезонава избегнувавме да снимаме надвор од студио од една и единствена причина – се опрчивме јако и си плативме да имаме сценографија што задоволува минимални стандарди за емисија каква се трудиме да снимиме, па греота е да снимаме надвор. Џабе ли се брусело дрвото?! Арно ама за една емисија моравме, немавме избор. Ни кажаа дека Јелена Розга доаѓа на еден ден во Скопје. Е баш тој ден немаше теорија да снимаме во студио бидејќи веќе беше зафатено. “По ѓаволите!” викна Ѓоко и како секогаш не направи ништо што ќе ја среди ситуацијата во која се најдовме и која беше во кашеста агрегатна состојба… Сепак, колку што немаше шанси да снимаме во студио, толку немаше шанси да ја пропуштиме Розга. Му се јавивме на Фуфо, падна дил да затвори кафана од 7 до 9, ја договоривме Розга и така таа епизода остана единствена без препознатливата сценографија. Втори гости ни беа нашиот студиски бенд за оваа петта сезона, Пеперминт. Кога мислам на Пеперминт, мислам на Пајак. А кога мислам на Пајак, мислам на кафетин или аналгин, што попрво ќе се фати :). Пајак (Горан) мислам дека е најуникатниот човек кој го познавам. И тоа го мислам стопроцентно во позитивна смисла. Хуморот на Пајак лично мене многу ми се допаѓа, а реченицата што ја кажа токму во оваа епизода за која зборувам, нема никогаш да ја заборавам. Оди вака – “Зошто, ако не и воопшто, двајца. И триесет и три верверички ако едната им рече – а тогаш кој? Кој?” Ете тоа е Пајак 🙂 Ама е врвен лик и ме засмејува како никој! И морам да кажам дека иако неговата ноншалантност понекогаш знаеше да ни направи по некое ситно проблемче, најискрено сум пресреќен што тој и Пеперминт беа дел од оваа сезона. На крај на краиштата се сметам себеси за фан на Пеперминт и напамет им ги знам најголемите хитови… А интересна работа, колку е тој фрлен, толку е Ана приземјена. Ана не е само вокал во Пеперминт, туку е и негова сопруга и мајка на неговите две супер дечиња… Ана и Горан се прекрасен пар и им посакувам многу убавини. Секако, и на Бозо, Јане и Мац. Одлични момци!

А кога сум кај Пајак, колку е тој уникатен, толку е и комбинацијата на гости од следната епизода. Јанко Јади Бурек, Дубиоза Колектив и Жаре Бербер! What the fuck!?!? Да. Еве и како дојде до тоа… Со Дубиоза веќе бевме договорени да допатуваат од Сараево специјално за шоуто, што многу ми значи. Така што, веќе имавме едни гости, остана да видиме кој ќе биде вториот. Јанко имаше за промовирање почеток на неговиот радио камбек, па таман му се погоди моментот. Отпосле се чувме и ми рече “ако е ок со тебе, јас би сакал да дојде и жена ми. Сепак, заедно со неа ќе ја водам емисијата. Има што да каже.” Немаше зошто да не му го прифатам предлогот, па така сопругата на Јанко, Лидија се најде прв пат пред камери. Луѓето кои се прв пат пред камера најчесто или претерано молчат и ги пука некоја огромна трема или претерано зборуваат како да ќе надокнадат за сиот период додека никој не ги снимал. Јанко си кажа од старт – ќе имаш мака со монтажа, и би мака :)! Се надевам Лидија не ни се налути што исековме мал дел од муабетот со неа… Инаку многу фина госпоѓа. Ми остави убав впечаток. Така стигнуваме до берберот… Ние сме посебна продукција која функционира надвор од Алфа телевизија со која имаме фантастична соработка. И притоа воопшто не претеруваам. Токму поради одличната соработка, ми се јави директорот и ми рече дека од Фарма само што излегол Жаре и би им значело ако дојде да му направам интервју. Како и со Јанко, немаше зошто да не го прифатам предлогот, па така таа епизода имавме три дела со различни гости. Напукано до даска! Btw, со берберот не се знаев. Се запознавме кога правевме договор во центар на кафе. Ама уште од претходно бев убеден дека вообичаениот впечаток за него е погрешен. Се покажа максимално тактичен и пресметлив човек кој ништо не прави тукутака. Тип кој е доволно паметен за да излезе откачен на камера и да се маваме со 10 јајца по глава од кои едно е живо, знаејќи дека е тоа добро за муабети и за влечење публика. For the record, ја наместивме играta. Немаше смисла јајцето да се скрши од гостинот :).

За новогодишната епизода имавме предизвик. Минатата новогодишна епизода е како да кажам… Mission impossible да се повтори! Ги земавме Игор Џамбазов и Трендо на ракија и туршија кај Чамо во кафана и го снимивме еден од најдобрите телевизиски часови во нашата кариера. Логично, прашањето што си го поставивме беше – како воопшто стигнавме да снимиме таква епизода? Одговорот е буквално ист како оној кај Трендо во стариот добар Милионер – повикај пријател. И тогаш и сега се јавив кај мои добри пријатели кои знам дека ќе направат добро шоу. Ало Коцев, ало Бубо, Борјан, Столе, Бетмен, Лешоски… Се изнасвиривме, се изнаправивме муабети, се изнаглупиравме и излезе супер.

Дојде време ракометарите да одат на европско во Данска. Немаше дилеми дека некои од нив треба да се гости за следната епизода. Секако, прво се чув со Кире. Се знаеме солидно, бил двапати гостин во претходните сезони од Еден на Еден, плус ми крева на телефон… Споменав претходно дека сезонава инсистиравме да снимаме во студио, но како што кажав, студиото не секогаш ни е слободно за снимање. Па така, имавме веќе одредено датум за снимањето и сега требаше само да се натераат гостите да дојдат баш на тој датум. Се погоди да е точно околу новогодишните празници, а Кире токму тој ден го имаше испланирано да оди и да се види со фамилијата во Свети Николе. “Жаре, ќе ти должам ама ако не инсистираш би те замолил да ме рипнеш. Имам само еден ден слободен и ако дојдам на снимање во 4 немам кога да ги видам моите”. Му кажав “ич не ме интересира, има да се нацрташ во 3 и пол и ако треба ќе ми браниш пенали и ќе ми попушташ за сите да ти ги дадам, слушаш ѕвездо?!?!” Ааааа, сигурно така му кажав… Ни на крај памет не ми беше да го замарам капитенот, па договоривме да оставиме за друг пат. Му честитав за тазе трансферот во Барса, ме пофали за новата сезона и рече дека не гледа на YouTube во Шпанија (гарант лажеше, нели?) и спуштивме телефон. А сега? Најмногу мразам кога на пар денови пред снимање немам појма кој ми е гостин. Овде барем не беше толку страшно. Отидов во Палас каде беа сместени репрезентативците, чест ми е што се знам лично со повеќето од нив и на лице место се договоривме кој ќе гостува. Снимивме супер епизода со Жути, Диви, Бранче и Митков.

Следуваа интервјуата со Тијана и Илина Арсова, првата македонка што го искачи Монт Еверест. Со Тијана немав како да се видам бидејќи не доаѓаше до дента на снимање од Белград, па моравме саат-два да правиме муабет по Viber додека беше на фризер. Сопругот три пати и се јави, сирот. “ми вика – Аман, уште ли збориш ” – се смееше Тијана. Супер женска. И посакувам многу среќа. Секаде, не само на евровизија.

Следната Еден на Еден ја емитувавме на втори втори. Го имав најдобриот гостин што може да се најде на втори втори – Кочо :). Прв гостин беше Жељко Самарџиќ кој допатува само за нас, во емисија да го промовира неговиот концерт кој се одржа неколку недели отпосле. Фаца! Многу интересен човек. Ме потсети на Лино Червар. Некако многу мудро го доживеав. Одмерен, културен, полн со интересни приказни и верувале или не, како да не му е доста од пеење! Човеков од нигде никаде влегуваше во песна, ќе си потпевне два три стиха и ќе си се врати на муабетот. Се го потсетуваше на песна, што само по себе кажува колку е заљубен во музика.

IMG_15699999

Снимањето со Брејк и Миле Кузмановски знаев дека ќе биде песна. Се знам добро со двајцата, немав многу што да се секирам за таа епизода. Повеќе ме мачеше тоа како да го најдам гостинот кој го сакавме за следната епизода. Сергеј Самсоненко. Пробувавме преку некои канали, пуштавме некои меилови, едно-друго-трето ама не добивавме одговор. Од некои луѓе веќе имавме чуено дека ја гледа Еден на Еден и му се допаѓа, а и самите бевме сигурни дека ги следел емисиите со Индира Кастратовиќ и Гордана Нацева, Столе Стоилов, како и таа со Петар Ангелов – Диви. Арно ама човеков го нема! И видовме не видовме, не јадеше времето, па моравме да одиме со нешто друго. И се јавивме на Гоца и ја побаравме Андреа Лекиќ која само што доби награда за најдобра ракометарка на светот од EHF, супер повод за гостување. Тоа што го чув после неколку дена ептен ме израдува. Ми вика Гоца – “Андреа доаѓа сигурно, туку и Самсоненко сака да дојде заедно со неа, ќе може?” Така се случи едно од најинтересните за мене снимања оваа сезона. Тројцата заедно на вечера ги договоривме сите детали, а и можам да кажам супер си поминавме. Самсоненко да ти бил комичар! Фантастичен човек… Андреа исто така, успешна во спортот колку и пријатна за муабетење и шала. На снимањето присуствуваше и семејството Самсоненко, а морам да кажам дека тој е еден од оние за кого не важи правилото за луѓето кои се прв пат пред камера што го споменав претходно. Сергеј со неговата харизма беше како роден за шоу!

Една недела потоа во емисија ни дојде човекот кој мислев дека никогаш нема да го добиеме. Десетина дена пред да ни даде потврден одговор дека доаѓа, давав интервју за некое списание. Ме прашаа “ајде фантазирај, кој би сакал да ти гостува што знаеш дека нема шанси да го донесеш?” Одговорив – Хауард Стерн! “Ај малку пореален биди. Некој полокален што знаеш дека не можеш да го донесеш…” – ми рече новинарката. Не се мислев многу. Како од пушка го кажав името на Драган Бјелогрлиќ. Зошто? Па дека ни во Србија не можат да го намолат да им гостува во емисија, не па тука! Фасцинантното е моментот дека како што реков, овој одговор го дадов десетина дена пред да го потврдиме Бјела и тогаш појма немав дека воопшто и ќе добиеме шанса да донесеме таква мега ѕвезда во емисија, а уште повеќе важно – човек кој лично премногу му се восхитувам и го ценам. Немам точен одговор за тоа како успеавме да дојде во Еден на Еден. Едноставно ги познававме вистинските луѓе кои не поврзаа во право време. На Бјела му требаше промоција на новиот Монтевидео, а ете од правите луѓе чул дека нема подобро место од нашето за таа работа. Човекот беше се што очекувавме да биде. Забавен, шармантен, многу пријателски расположен и тип кој може да те натпие во било кое време од денот! Ауууу на Бјела му држи… Му држи како да се фатило и да нема утре! Искрено, снимавме околу 12 напладне, а претходниот ден отидовме во кафана уште во 4, веднаш откако слета авионот. Седевме до 7, кога моравме да одиме на премиерата на филмот во Синеплекс, а вечерта теравме живот до 2 и пол… Лажам. Јас терав до 2 и пол. Веќе ви кажав, Бјела е како средношколец. Кога јас отидов, тој се загреваше. Шегата настрана, морам да напоменам дека Драган ги заслужува сите пофални зборови и обожаватели. Човечиште! Премногу сум среќен што имав прилика да го запознаам подобро.

Даниел Кајмакоски… Леле колку го сакаат тинејџериве дечкото, не знам дали сте свесни. Мислам дека толку се заслепени од него што ако земеш тинејџерка и ја однесеш во Кина… Значи во КИНА! И таму некаде кај Кинескиот Ѕид и речеш – “Еј девојче! Даниел Кајмакоски е од другата страна”, ќе се качи бе! Нема да му ја мисли ни две секунди! Ете тоа е Кајмакоски… Заедно со Тамара Милановиќ долетаа од Белград и гостуваа во шоуто во следната епизода. Уште не беше Даниел победник на Икс Фактор ама дебело се наѕираше дека тој ќе биде. Немав баш многу време да муабетам со него надвор од снимање. Цело време тие два дена мораше да брза некаде, делуваше дека има баш зафатен распоред. Со Тамара бев повеќе. Многу мирно и фино девојче. Нон стоп беше со една слушалка во уво за да може да слуша музика додека прави муабет. Или ептен е заљубена во музиката или ептен досаден муабетчија сум… Во оваа епизода со Даниел и Тамара, Поштарот отиде во Шпанија. Нема да биде со нас и следните две емисии. Сакав само да кажам дека навистина беше во Барселона. Не мамевме, да знаете :).

Секогаш ми било интересно да снимам со актери. Многу ми се интересни како луѓе и знаеш дека од нив ќе добиеш добро шоу ако ја тераш работата како што треба. Токму затоа, едвај чекав да дојде снимањето со актерите од филмот Монтевидео. Иако можеби не се толку познати тука, во Србија се ептен ептен големи ѕвезди. Мислев дека славата веќе ги понела, со оглед на тоа што снимаа и Монтевидео серија, имаа огромен хит со првиот дел итн., но не бев во право. Одлични момци, со кои имавме супер дружба. Не се воопшто дигнати. Бар не засега :).

Икс Фактор доаѓаше се поблиску до крајот, еуфоријата за тоа растеше, а Кики Лесендриќ во следната Еден на Еден кажа дека негово мислење е дека Даниел ќе победи. Нормално, за тоа најмногу се зборуваше иако мене тоа ми беше најмалку интресно. Кики се покажа така добар фраер и така добар соговорник, што сум сигурен дека тоа интервју ќе го ставам во топ 5 што сум ги направил било кога. Само ќе ви кажам дека и надвор од камерите човекот си е ист и ќе ви стане јасно тоа за колку интересен лик станува збор. За време на сиот престој не пребираше ништо, беше нон стоп насмеан, расположен. Знаев дека ќе биде така уште кога му се јавив на телефон во ниедно време, околу 11 часот навечер. Од линкот добив порака дека не е проблем да му се јавам, иако е речиси полноќ. Се туфкав едно 5-6 минути и го свртев бројот. Си викам, гарант ќе ми рече “каква црна емисија бе, глеј кога ѕвониш, дали си ти нормален” или нешто слично ама Кики ме дочека со “кај си бе Жаре, еве ме мене само што завршив со тенис, брзам да се истуширам и пресоблечам и одам на некоја си журка таму”! Е тоа е Кики.

Следуваше емисијата со Влатко Стефановски и Миле Стојкоски. Со Влатко веќе навистина бевме добро запознаени и без проблем се договоривме да дојде повторно во шоуто, овојпат да го промовира неговиот концерт. Знаев дека ќе мора да кажеме некои нови работи, сепак, гостуваше и во првата епизода од сезоната и Влатко не потфрли. Порелаксиран од било кога, дојде во студио, зборуваше за работи за кои никогаш не зборувал, свиреше, пееше… Просто да не ти се верува. Сепак, колку и да бев задоволен со сработеното, двојно повеќе ме израдува кога после снимање ми рече дека тоа најверојатно било најдоброто интервју што сме го направиле. Можеби звучи глупаво ама најискрено, нешто многу многу не им се притресувам на моите гости. Секако, гледам се да е во ред и да се максимално испочитувани ама премногу да им се вртам и да ги прашувам како беше, што беше, кој дел беше добар, а имаше ли нешто што не сакаше да те прашам, имаше ли нешто што сакаше, а не те прашав… Не сум тој тип. Но, Влатко? Влатко навистина ме интересира што мисли за шоуто и за начинот на кој сум го водел интервјуто. Дента ми даде чиста петка и бев среќен. Вториот гостин беше Миле. Миле пропатува низ цел свет во количка, а сега е на нозе. Стои. Чудо на медицината, природата, како сакате кажете… Ни се случило и претходно да ни пишуваат и да ни викаат “како така го пуштате тој и тој да лаже, да збори тоа и тоа, бла бла…”, впрочем секогаш кога некој нешто ќе каже што засегнува и некој друг, без разлика на тоа што е темата има луѓе кои ќе сакаат да кажат друга приказна, различна од таа што ја чуле. Така беше и овојпат, имаше некои што пишаа пар неубави работи. Не знам, пробувам да се дистанцирам и да не ме допираат такви случки ама некако не можам. Ми создаваат некое горко чувство кое никако не успевам да го изигнорирам.

Со Коцев се знам подолго време. Сашко ми е еден од оние луѓе со кои сметам дека исклучително се почитуваме и сакаме ама никогаш не сме се здружиле поинтензивно. Цело време сме некако работно поврзани. А се гледаме често, не дека не. Кога ќе земам да бројам, тој заедно со уште два-тројца други е човек со најдолг стаж во Еден на Еден и најмногу различни гостувања. Сашко има нова претстава во која игра со Оливер Митковски и Александар Микиќ. Оли го знам преку Игор Џамбазов. Човекот е мозок со екстремитети. Колку што е паметен, толку е младолик. Таа тројка знаев дека ќе биде хит! Со нив ја снимив една од поинтересните епизоди од оваа сезона. Ја договоривме и подготвивме за саат време на кафе во Лептокарија. Ако вопшто под “подготвување” се подразбира Коцев да ти каже “ти прашувај се што сакаш, ние ќе бидеме интересни. Сум те зезнал ли некад?”. 🙂

Еден од тие неколку луѓе кои се редовни гости во сите сезони од Еден на Еден е и Пеце Суперхикс. Него па од кога го знам… Лелееее… Работевме заедно во една телевизија која се викаше Спорт 4. Строго спортска. Јас бев новинар, спикер и коментирав се живо и диво! Тенис, НБА, Евролига, фудбал, скијање, рели, се кога викам! Многу малку знаат, првото Вимблдон финале меѓу Федерер и Надал за Македонија го коменираше кој? Таско? Не. Јас. Претпоставивте по муабетот сигурно… Ако некој од вас одговори Таско, нека се предаде на властите… Тоа правев јас во телевизијата, а Пеце имаше некоја негова емисија што се викаше Офсајс. И си работевме така неколку години, Пеце замина порано, јас подоцна. Секогаш ми е драг гостин и секогаш со ќеиф ги снимам неговите интервјуа. Особена чест ми направија со цел бенд на Хикси во оваа епизода кога на крај ја отсвиреа мојата омилена Безгрешен, а Пеце ми даде јас да ја пеам заедно со него.

Долго се мислевме како да ја затвориме сезоната. Кој да биде последниот гостин. Сепак, освен глупавиве избори имаше само една тема која е актуелна и заслужува такво нешто. Ракометот. Арно ама, се утепавме од викање ракометари и газди кога сме веќе кај тоа, и не ни остана многу избор. За среќа еден човек им збрца 13 гола на Колдинг, а истиот тој веќе подолго време се повеќе станува миленик на публиката. А, да! И стана државјанин, плус 🙂 Затоа го викнавме Ренато Вугринец. Е сега, се ќе беше супер ако на ден пред снимање бевме сигурни дека Ренато доаѓа! Што се случи? Се договоривме дека Вуги доаѓа во шоуто, само остана да средиме датум. Сето ова го разговаравме после тренинг во Автокоманда. Ама го земаа во репрезентација, отидоа во Охрид на припреми. Таман мислев Ренато се врати, тој од таму директно во Словенија отишол. Ајде, го чекаме да дојде во вторник, а нас снимањето за четврток ни е закажано и нема мрдање! Шанси нема нешто да поместиме, останавме без емисија за последната недела :)! Цел вторник и пола среда Ренато не враќа на пораки и не се јавува… Соиграчи, вработени, управа, Ванчо Димовски, Дарко Станиќ, кај сите се јавив и сите рекоа дека попладнето во 5 и пол на тренинг ќе видат што е работата… Ренато сигурно не ни знае ама го договорив Станиќ да дојде ако тој откаже. Ми требаше бек ап план, а Даре е перфектен човек за тоа. Супер поминавме кога гостуваше минататата сезона, си го имаме муабетот, ќе направевме одлична емисија и со него. За среќа во 7 и пол ми заѕвони телевонот со порака “Жаре извини, барај да ми кажеш како ќе правиме, доаѓам утре, кажи ми само кое време”. Ах, бе Вуги, Вуги, тоа што ми остана од апчињата за Пајак што ги пијам, заради тебе ги испив! 🙂 На крај, Ренато беше извонреден. Снимивме супер епизода и се надевам и вам ви се допадна.

Многу ми е ќеиф што имаме толку добра публика, што ве имаме вас. Се трудиме многу и работиме како црнци за да ви донесеме добар производ. И сами претпоставувате дека нема нешто многу исплатливост ако се бавиш строго со ова. Затоа имаме и уште триста други ангажмани со продукцијата и маркетинг агенцијата кои сакале или не, ни одземаат многу енергија и време. Сепак, од година во година се приближуваме до тоа каде сакаме да бидеме и го носиме шоуто Еден на Еден чекор поблиску до тоа што сакаме да го гледате кога ќе ги вклучите тв приемниците или YouTube прозорите или вашиот МаксТВ за да ја видите новата епизода. Можам да ви ветам дека ќе работиме еднакво напорно и натаму и дека нема да се откажеме во намерата да ви го носиме најкомплетното ток шоу еднаш неделно во вашите домови. Со уште подобри скечеви, музички гостувања, уште пофасцинантни интервјуа и поорганизирана продукција се гледаме идната сезона. Сезона 6 од Еден на Еден.
Се извинувам ако ова мое писмо до секој еден гледач беше некако предолго. Морав. Во него е кодот кој открива што се крие во тајните одаи на Јованка Броз. Да. Знаев цело време. Значи сега сме двајца, Васко Ефтов!!!

Со почит и многу љубов,
Жарко Димитриоски

п.с. Се шегував дека Владо (Поштарот) пие пред снимање. Пие после снимање.
п.п.с. Игор никаде и никогаш го нема кажано тоа со тренерот и старлетата.

IMG_1538888