Проекти

  • 1na1
    Еден на Еден е авторски проект на Жарко Димитриоски кој започна во 2008 година на А2 телевизија. Тоа беа години на учење за тоа како да направиме добар телевизиски производ. Фреквенцијата на телевизијата ни овозможи да правиме разни експерименти со прилози, гости, студио, се што сакавме. Подоцна емисијата почна да се емитува и на А1 телевизија, каде што останавме до крајот на нејзиното постоење. Во двете сезони Еден на Еден имавме супер емисии во кои гостуваа сите интересни личности од нашава земја. Повеќе пати гостуваа Игор Џамбазов, Сашко Коцев, Кили, Елена Ристеска, Викса, Пеце Суперхикс, имавме одлични емисии со Катарина Ивановска, Перо Антиќ, Трендо, Ареа, Кире Лазаров, Тони Зен, Нокаут, Борко Ристовски, Влатко Лозановски, Дејан Лилиќ, Скај Виклер, Елементал и многу други актери, новинари, музичари, политичари… Нека не ни се лутат останате, поминаа премногу епизоди и сите ни се подеднакво драги. По затворањето на А1 телевизија, ги гледавме опциите за тоа каде да продолжи емитувањето на шоуто. До пролетта 2012 година веќе имавме формиран тим кој можеше подготвено да го направи тоа. Благодарение пред се на поддршката од Љубљански Млекари и Алфа телевизија, Еден на Еден се врати на малите екрани со третата сезона од јуни до септември 2012та. Имавме супер забавни снимања во кои гости беа исклучиво музичари, актери и стенд ап комичари од целиот Балкан. Сезоната помина одлично, па немаше многу време за губење. Веднаш почнаа подготовките за четвртата сезона.

    Од ноември до април (2012/2013) релизиравме серијал од 20 епизоди плус еден Еден на Еден Специјал. Повторно дојдоа веќе редовните Игор Џамбазов, Трендо, Кире Лазаров, Владо Бучковски, Елена Ристеска, Дејан Лилиќ… Имавме и феноменални гостувања од Раде Шербеџија, Влатко Стефановски, Лино Червар, Калиопи, Каролина, Васко и Бубо К15, Дарко Панчев, Дарко Станиќ, Мојсовски, Миркуловски, Живко Мукаетов, Трифун Костовски, Гиш и уште дваесетина други на кои сме им многу благодарни што се вклопија во нашиот концепт на опуштени разговори.

    Шоуто Еден на Еден ја заврши и својата петта сезона која беше вузуелно и содржински најдобра дотогаш. Специјално за оваа сезона од октомври до мај (2013/2014), направивме сценографија која ја користевме за снимањата, овој пат во студиски услови. Тимот го проширивме со нови супер креативни ликови кои ни помогнаа во намерата да го направиме најдобриот можен производ. Се надеваме дека уживавте во 27те епизоди во кои меѓу другите гости беа и Драган Бјелогрлиќ, Игор Џамбазов, Даниел Кајмакоски, Катарина Ивановска, Сергеј Самсоненко, Жељко Самарџиќ, Влатко Стефановски, Јелена Розга и уште 40ина други извонредни наши и балкански ѕвезди.

    Нашата шеста сезона започна во Ноември 2014та. Во шестата сезона решивме да ги отвориме нашите врати за фановите на шоуто, па оттаму атмосферата во студиото за време на снимањето беше максимално позитивна и на највиоко можно ниво. Оваа сезона внесовме и неколку нови интересни сегменти, а токму од шестата сезона започнавме и со сегментот “телефонски јавувања” во кој што најчест ни беше Спасе, ликот кој “магистрираше” во јавувања. Сепак, далеку од тоа дека само еден сегмент може да се оддели како “highlight” на сезоната во која имавме фантастични гости од Македонија и странство. Сезоната ја отворивме со ракометниот ас Ренато Вугринец, а освен него, Жаре имаше свој еден на еден разговор и со многу други интернационалци како Нина Бадриќ, Ана Бекута, Владо Георгиев, Бобо од Бугарија, Бора Чорба, Темпера, Парни Ваљак, а доказ дека сме отворени за гости од сите бранши е и фактот што во оваа сезона на гости ни беа и Шабан Шаулиќ, Наум Петрески, а богами и добитниците на Греми – американската хип хоп група Блекстрит.
    Освен квалитетни гости надвор од границите на нашата земја, на гости ни беа и многу успешни македонци. Дел од нив веќе стандардни гости кај нас а дел го имаа своето “огнено крштевање” во емисијата. Бранко Огњановски, Каролина Гочева, Игор Џамбазов, Сашко Коцев, Дарио, Васко Ефтов, Гечевски и Чековски, Сара Мејс, Лила Филиповска…
    Покрај стандардните епизоди, во оваа сезона имавме и една специјална новогодишна со која ја дочекавме 2015та заедно со Бубо Каров. Кога заврши шестата сезона добивме многу пораки од типот на “Eј оваа ви е најдобра сезона, нема шанса да се надминете!” но сепак….

    Во 2015та ја започнавме и нашата “Џејмс Бондовска” сезона 007. Оваа сезона ја најавивме со тизер видео во кое што ги имавме едни од најпозитивните ликови во историјата на македонската телевизија како Игор Џамбазов, Сашо Мацановски-Трендо, Александар Чомовски, Петко, Охриѓанецот Климе од К15… Но имање на видео најава за сезоната и не беше единственото ново нешто оваа сезона. Имавме и ново студио, а најголемата промена за седмата сезона ни беше ТВ каналот на кој се прикажувава нашето шоу. Од 2015 се преселивме на Телма и во саботниот термин од 19:15 часот бевме подготвени за старт на најновата наша сезона. Можеби сменивме одредени работи, но бендот задолжен за музичката атмосфера остана ист. Пеперминт, предводени од секогаш непредвидливиот Пајак беа супер поддршка за Жаре и во оваа сезона. Жаре доби бек-ап и од нашиот незаменлив Мешевски. Со супер најава, освежена креативна екипа и супер микс од нови сегменти и стари успешни концепти, ја започнавме и седмата сезона од нашето шоу. А во неа имавме гости од секаква бранша, дел со импресивно CV зад нив, а дел надежни таленти за кои што допрва ќе се слуша. Игор Џамбазов, Славиша Кајевски, Емилија Розман, Елена Ристеска, Даниел Кајмакоски, Сашко Коцев, Дуке Бојаџиев, Горан Михајловски беа само дел од гостите кои со своите приказни ни помогнаа оваа сезона да биде најгледаната во историјата на нашето шоу. Сепак, освен познати македонци во сезона 007 имавме и фантастични гости надвор од Македонија како на пример: Бранко Ѓуриќ, Жељко Самарџиќ, Саша Ковачевиќ, Сергеј Четковиќ и Исидора Бјелица, а посебна чест и задоволство ни придонесе гостувањето на еден од најпознатите мотивациони спикери на сите времиња – австралијанецот Ник Вујичиќ. Имавме и епизода во која гости ни беа фиктивните ликови Миле Паника, Џони Џанак и Блажо од К15… Имајќи го ова во ум, којзнае што следно ќе ви подготвиме за осмата сезона. Очекувајте го неочекуваното 😀

  • Проектот Балкан Стенд Ап го започнавме заедно со водечките луѓе од А1 телевизија. Решивме да пробаме да пласираме една нова форма на изразување на сцена, форма која дотогаш кај нас скоро воопшто и да ја немаше. Стенд Ап комедија во најдобро светло! Не сакавме да експериментираме. Веднаш тргнавме со најдоброто, најквалитетното, најдокажаното од целиот Балкан. Првиот Балкан Стенд Ап се подготви партизански.
    bsup123

     

    Пеџа, Тин, Домагој, Срѓан и Перица во еден автомобил ја пројдоа цела екс Ју за да дојдат во Скопје, каде што ги чекаа Игор и Сашко. Оваа екипа од седум врвни уметници заедно со Жаре како нивен домаќин и организатор, ја отвори вратата на стенд апот кај нас. Клубот Хард Рок собра 1200 луѓе, а веројатно уште толку останаа надвор зато што не можеше да се дојде до карти. Искрено, не знаевме како ќе пројде оваа авантура. Ни на крај памет не ни беше дека поддршката од публиката ќе биде толку масовна. Малку исплашени за тоа дали исходот ќе биде дебакл или спектакл, за наша среќа направивме шоу за кое се зборуваше месеци по настанот.

    Една година подоцна, во истото време, овој пат како Еден на Еден продукција го реализиравме вториот Балкан Стедн Ап фестивал. Овој пат со шест изведувачи. Денеска најдобриот стенд ап комичар кај нас, Марјан Ѓеоргиевски го имаше првиот голем настап. Неша Бриџис од Србија беше човекот кој направи Клубот 69 буквално да се тресе од смеење, а ништо полошо не пројдоа ни Домагој и Срѓан Динчиќ кои исто така за прв пат ги донесовме во Скопје. Пеџа настапи повторно, а фестивалот го отвори единствениот човек кој заедно со Жаре се качува на сцената за време на сите три фестивали – Игор Џамбазов. Инаку овој Балкан Стенд Ап постави нов рекорд.

    bsup3

    Беа одржани две вечери и се продадоа 1.800 карти, десет дена пред самиот настан. Веројатно можевме да направиме уште најмалку три вечери судејќи по интересот, но веројатно и фестивалот ќе изгубеше дел од магијата со тоа. Во меѓувреме, под Балкан Стенд Ап франшизата го работевме проектот Комедијата не запира повеќе, каде имавме настапи на шест комичари во период од три месеци. Работевме и индивидуални настапи на Срѓан Јовановиќ од Србија и Марјан Ѓеоргиевски и се беше подготвено за реализација на Балкан Стенд Ап 3.

    Балкан Стенд Ап 3.  Една вечер. Осум Комичари. Најамбициониот фестивал досега кој постави балкански рекорд во посетеност. Свое камео појавување имаше Игор Џамбазов, а за прв пат кај нас ги донесовме Марина и Влатко од Хрватска, како и Јелена од Србија. Нашиот исклучително добар пријател Тин Водопивец повторно се врати во Скопје, а домашната стенд ап сцена беше преставена од Сашко и Марјан, додека за прв пат на фестивалот настапи и Сашо Тасевски. Публиката реагираше, сеге веќе може да кажеме, очекувано. 2.200 карти беа продадени 8 дена пред настанот. Од тимот на Колосеум константно прашуваа како е можно за ваков настан да се продадат толку карти, толку брзо. По завршувањњето на три и пол часовното шоу им стана јасно.

    Балкан Стенд Ап потоа реализираше серијал настапи во Сити Мол на шестмина комичари од Македонија и регионот, а круна на се беше заедничкиот настап на Игор Џамбазов и Марјан Ѓеоргиевски во киното Синеплекс.

    Четвртиот Балкан Стенд Ап дефинитивно се зацврсти како најголемиот стенд ап евент на Балканот. Сковин Балкан Стенд Ап 4 и овојпат на ниво на задачата. 2500 посетители беа дел од фантастичното тричасовно шоу во Експо Центарот на настанот кој беше распродаден неколку дена однапред. Една од најголемите ѕвезди кај нас, Бубо Каров за првпат имаше настап од ваков тип. Вкупно настапија шест комичари.