ВО СЕКОЕ ЛОШО ИМА ДОБРО – ДАЛИ ТОА ВАЖИ И КАЈ НАС?
Секој петок летово, креативниот директор на агенцијата Еден на Еден и водител на вашето омилено ток-шоу, Жаре објавува колумни инспирирани од секојдневната работа на тема бизнис, претприемништво, маркетинг и слично во т.н. Летна школа со Жаре. Истите се напишани за македонскиот бизнис сајт faktor.mk, а специјално за вас ги пренесуваме и тука.
Денеска – ВО СЕКОЕ ЛОШО ИМА ДОБРО – ДАЛИ ТОА ВАЖИ И КАЈ НАС?
***
Генерално, отсекогаш ми пречеле некои работи околу овдешниот менталитет. Сите ги знаеме, сите се жалиме на нив, “македонска работа”, “балканска работа”, се имаме изнаслушано. Далеку од тоа дека работите се добри и дека не им треба подобрување. Подобро да не започнувам да зборувам за тоа зошто ќе се распадне тастатурава. Но, колку и да се бизнис параметрите далеку од совршени, сепак како што вели Таоизмот и Јин-Јанг филозофијата – во секое лошо има и добро, така има и по нешто добро од бизнис практиката во нашава економија. Еве ги првите три работи кои ми доаѓаат на ум.
Состанок со ЦЕО-то на Новартис – “мало сутра”!
Хипотетичка ситуација – живеете во Њујорк, имате некој проект за чија реализација треба инвестиција и спонзорство, знаете на која компанија да и се обратите. Како ќе го остварите тоа и колкави се шансите да дојдете до тет-а-тет средба со генералниот менаџер на истата таа компанија? Еј, генералниот менаџер! Е па, овде шансите се одлични. Не само тоа, туку и сосема реални се шансите да имате веќе остварено некаков, било каков контакт со истиот тој човек, а речиси стопроцентни се шансите да имате некој познаник кој се знае со него и кој може да ви помогне во договарање на средбата за која зборуваме. Така што, секогаш кога ги правиме плановите за, на пример новата сезона од шоуто Еден на Еден и седнуваме со првите луѓе на гиганти како Алкалоид, Прилепска Пиварница или средни фирми со потенцијал да станат големи како овие, вредно е на ум да го имаме тоа дека истото ќе биде сметано за научна фантастика доколку не работевме тука.
Убавината на незнаењето
Ајде нова хипотетичка ситуација – живеете во Њујорк (сум запнал со Њујорк, нели?). На еден месец пред стартот на вашиот проект (да речеме тв шоу, заради примерот кој ќе го дадам) немате дефинитивен план на спонзорите, дефинитивен термин на емитување, потпишани договори со сите инволвирани страни. Дали сметате дека истиот ќе се реализира? Одговорот е дека не само што нема да се реализира, туку и ќе плаќате баснословни пенали за тоа што сте аматер и дудук без грам професионалност во работењето. Истата ситуација ја селиме кај нас – ти си вистински професионалец со самото тоа што си обезбедил телевизија! Батали што немаш обезбедено буквално ништо друго. Знаеш ли зошто е тоа така? Зошто овдека доволен е еден ден и пар телефонски повици за се да отиде неверојатно добро или неверојатно лошо. Во тоа е (не)убавината на непознатото, нешто што е апсолутен стандард во бизнис праксата кај нас. Токму поради таа матрица на работење, никој не очекува од тебе однапред да имаш решено се. Доволно е да исполниш еден минимум од критериумите, токму толку колку што е потребно за проектот да премине во следната фаза, да се качи скалило погоре. Нашето тв шоу Еден на Еден традиционално започнува во октомври. Се случувало сите договори да ги потпишуваме на неколку недели пред стартот, главните состаноци да ги правиме во септември и сл. Не велам дека тоа е секогаш случај, далеку од тоа. Но, нека се случило и само еднаш, зарем во некои “нормални” економии проектот на тој начин би бил одржлив и би стигнал до признание “најдобра тв емисија на годината” и би бил убедливо најгледан тв проект од својот жанр? Го знаете одговорот и сами…
Рипченце во океан или сом во поток?
Во контекст на претходното, уште една од предностите на работењето во овие “наши” околности е и тоа дека кај нас екстремната професионалност и вистинскиот квалитет лесно испливуваат на површина. Токму поради таа матрица на размислување и токму поради релативно нискиот квалитет на професионалност на кој се навикнати конзументите, компаниите и раководителите кои имаат реален пристап и контакт со настаните, лесно е да се истакнеш со својот квалитет (секако, доколку воопшто го имаш). Има десетици примери на кафулиња кои со своите новитети и квалитетна услуга за мега кратко време успеале да станат исклучително профитабилни, десетици мали бизниси кои со своите иновативни идеи и пристапи станале респектабилни играчи на пазарот, а се надевам не би ми замериле доколку овде ја пофалам и нашата маркетинг агенција и видео продукција која со своите производи, првенствено тв шоуто Еден на Еден, се позиционира како сериозен креатор на квалитетна содржина која на клиентите им носи резултати, но уште поважно – им се допаѓа на конзументите.
За жалење секогаш има време, а богами и секогаш има место. Она за што треба вистинска умешност е тоа од истите тие пречки да се изнајде можност…
Жаре
***
Прочитај ја првата колумна од летната школа (КАКО СЕ РАЗГОВАРА СО ВАСКО ЕФТОВ И ШАБАН ШАУЛИЌ) ТУКА
Прочитај ја втората колумна од летната школа (7 СОВЕТИ ЗА СЛЕДНИОТ СТИВ ЏОБС ОД БЕРОВСКО) ТУКА
Прочитај ја третата колумна од летната школа (ШТО ИМ ТРЕБААТ ВАКВИ ГЛУПОСТИ НА ГУГЛ И МАРИНЦИТЕ?) ТУКА
Прочитај ја четвртата колумна од летната школа (АКО ИМАШ ОДЕЛО, НЕ ЗНАЧИ ДЕКА ЗНАЕШ КАКО ДА ЈАДЕШ) ТУКА