8 причини зошто осмата сезона од „Еден на Еден“ ќе биде најдобрата до сега

Како што полека се подготвуваме за премиерата на #Сезона8 од нашето шоу така полека и расте возбудата кај нашата екипа. По овој повод ви подготвивме листа на 8 причини зошто треба да бидете возбудени за почетокот на новата сезона на #1на1:

1. Имавме седум сезони за да се подготвиме за овој момент

Ние како емисија се стремиме секогаш да бидеме подобри и подобри. Во седмата сезона си ја исполнивме целта да бидеме подобри од нашата шеста сезона. А сега после седум завршени сезони веруваме дека научивме од нашите грешки и успеси за да ви ја понудиме најдобрата можна осма сезона! А можеби и не… 😀

2. Мистеријата со Спасе

Кој е навистина Спасе? Дали ќе се јавува и оваа сезона? Дали ќе научи да го користи интернетот? Дали конечно и жена му ќе реши да се јави кај нас во емисија? Дали Спасе ќе гостува кај нас? Ова се прашања на кои ни ние не го знаеме одговорот. А можеби дел од овие прашања ќе бидат одговорени во емисија. А можеби и не 😀

3. Втора сезона со Телма

После минатата сезона, решивме да останеме на истиот ТВ канал. Телма како телевизија ни понуди се што сакаме и затоа не мислевме многу на прашањето дали ќе останеме на истата телевизија и оваа година. Со таа разлика што оваа сезона ќе направиме се што е во наша моќ да го донесеме Чомовски како замена за Жаре. Аааа можебииии… Не, не, ќе се обидеме!

4. Нови монолози и сегменти

Доколку ви се допаднаа минатогодишните монолози и сегменти тогаш имаме добри вести за вас – оваа сезона ќе имаме уште подобри монолози и сегменти! Доколку не ви се допаднаа ланските тогаш… истите добри вести важат и за вас!

osmica

5. Повеќе епизоди!

Минатата епизода имавме триесет епизоди. Оваа година решивме дека триесет епизоди се премалку и на ваше задоволство оваа сезона ќе може да уживате дури во 35 епизоди! Дел од нив ќе бидат скеч епизоди, дел ќе бидат “best of” епизоди, дел ќе бидат специјални епизоди, а повеќето од епизодите ќе си бидат оние нормални епизоди што сите си ги сакате.

6. Жаре е позрел (или барем така се надеваме…)

Оваа сезона Жаре наполни јубилејни 50 години, па како таков се надеваме дека ќе го добиеме најдоброто и најзрелото водителско издание од него за нашата осма сезона. А можеби и не… 😀

7.  Мешевски е најаден!

Минатата година многумина не пофалија дека Мешевски ни е откритие на сезоната и дека зрачел премногу позитивна енергија. Сево ова тоа тој го направи ненајаден! Замислете колку позабавен и попозитивен ќе биде оваа сезона кога цело лето го помина јадејќи? 😀

8. Зошто да не?

И на крајот од краиштата… Зошто да не биде ова најдобра сезона до сега?