BEST OF Епизода + Порака од Жаре
Ние во Еден на Еден сме за среќа или несреќа (кога-како) “приватно предузеќе”. Една од убавините кои доаѓаат со таа територија е дека генерално сам одлучуваш кога одиш на одмор. Нашиот одмор, т.е. паузата помеѓу две сезони од шоуто, стандардно почнува во мај. Тоа подразбира цело едно лето фокусирање на други проекти и ангажмани, се додека не дојде септември кога одново ќе ја отпакуваме сценографијата и ќе почнеме да размислуваме на иста тема како и секоја сезона – кого да викнеме за прв гостин и што по ѓаволите да кажеме во првата епизода…
Со сезонската “best of” епизода емитувана оваа сабота и кажавме чао на оваа сезона 6 од Еден на Еден. Си поминавме преубаво и ни беше чест што ве дружевме еднаш неделно. Горд сум на тоа каква публика има шоуто и можам само да ви кажам едно искрено благодарам за тоа.
Без вашата поддршка немаше да добиеме бубамара за најдобра ТВ емисија за 2014та, немаше да ги имаме тројцата народни херои од К-15 со поединечни гостувања во само една сезона, немаше Владо Георгиев да ја пее Једина на хелиум и тоа да се прошири како вирус низ цел екс-ју регион, немаше Спасе да стане најголемиот незнаен јунак во државава, немаше да ја мажиме Каролина (и таа да се смее на тоа!) пред камера заедно со Нина Бадриќ, немаше Игор Џамбазов јавно да каже дека и ги сака кременадлите на истата таа Нина Бадриќ, немаше со Тони Зен да носиме народни носии цела емисија, немаше со Сашко Коцев да ги имитираме Ефтов, Зафирчев, Калински и други, немаше “премиерот” да му се јави на Кире Лазаров сред емисија или пак Трендо да вика да му го бацам Васе К-15 сега, веднаш.
Но, сето тоа се случи и може да се види како дел од оваа сезона 6 од која ни остануваат многу убави спомени. Спојувањето на Умни Глави после 18 години, одличните гостувања на Елена Ристеска и Лила Филиповска, заразното смеење на Столе Стоилов и незаборавната емисија со позитивно откачениот Васко Ефтов… Побогу, Шабан Шаулиќ и Ана Бекута дојдоа! Кога сме кај тоа, многу интересен факт – ако мислите дека емисијата со Шабан е една од епизодите со најголем рејтинг сезонава, тогаш драги мои морам да ви соопштам дека дебело… Сте… Во право всушност, да… Така си е… Шабан ја сака публиката – публиката го сака Шабан, м?
Најдоброто не само што допрва доаѓа, туку не е ни на прагот. Ќе се видиме наесен со седмата сезона од Еден на Еден, надградени и проширени (се надевам не физички)! Дотогаш уживајте во летото и потсетувајте се на вашите омилени моменти од шоуто на Еден на Еден YouTube каналите или во видеотеката на МаксТВ.
Со почит и многу љубов,
Жаре