Ако сакаш да си богат цел живот – одгледувај луѓе
Повеќе од 350 присутни на седмиот настан од акцијата Feed Your Brain во Домот на културата „Антон Панов“ во Струмица ги слушнаа успешните приказни и мотивирачки пораки на гостите говорници: Зоран Витанов, Игор Трајковски и Влатко Лозаноски.
Тие успеја да ја пренесат својата порака дека и тука, во Македонија, може да се креира, но и задржи успешна кариера, доколку се вложиш себеси во она што го работиш и се потрудиш да бидеш најдобрата верзија од себе.
– Не е опасно да си песимист. Кога си песимист ти си штетен сам по себе. Но, кога си реалист, ти не си само штетен по себе оти поставуваш мали цели и се задоволуваш со малку, туку не дозволуваш некој да успее, оти ќе ти покаже дека можеш и повеќе – порача Зоран Витанов, потпретседател на Lyconet International, основач на ЦЕФЕ Македонија, претседател на Асоцијација на менаџери на Македонија, економист и познат мотивационен говорник помеѓу претприемачите и менаџерите.
За креаторот и основач на најголемиот македонски агрегаторот за вести Time.mk, пак, Игор Трајковски, како граѓани на Македонија ние имаме многу повеќе потенцијал отколку што мислиме.
– Ние забораваме што сѐ имаме, а се фокусираме толку многу на што немаме! – порача тој.
Најблиските секогаш се тука да помогнат, посебно кога разочарувањето е најголемо, смета Влатко Лозаноски, кој додаде дека има многу фактори во текот на животот од кои учиме.
Нивните говори и целокупниот настан може да го погледнете на следниот линк:
Акцијата Feed Your Brain продолжува во Скопје. Осмиот настан е закажан за 13 јули, петок, во киното Cineplexx во Skopje City Mall со почеток во 18:30 часот. Гости говорници ќе бидат Весна Петрушевска Бејби, Тони Зен и Петар Георгиевски – Камиказа.
Настанот ќе биде отворен за сите кои се желни да се мотивираат и да добијат поттик за личен развој и да го остваруваат својот сон тука, во својата земја.
Сите заинтересирани може да се пријават на следниот линк.
Модератор на настаните е Жарко Димитриоски, автор и водител на најпопуларното Македонско ток шоу, Еден на Еден и креативен директор во истоимената маркетинг агенција.
Акцијата „Feed your brain“ е реализирана од маркетинг агенцијата „Еден на Еден” во рамките на иницијативата „Мрдни со прст”.
Мрдни со Прст која е граѓанска платформа, чија мисија е да поттикне акција на размислување за индивидуалната одговорност и поголема граѓанската вклученост во решавање на општествените прашања кои сите нè засегаат, бидејќи секое мало мрдање со прст придонесува за големи резултати и промени. Иницијативата започна пред повеќе од една година и секој граѓанин, граѓанска иницијатива или организација може да стане дел од неа.