Од нокаутот на Перо, до свадбите на Амди: Најинтересните моменти во 1на1 во 2019

Почнавме јако, со Перо Антиќ, тој ни ја отвори оваа 11 сезона на Еден на Еден. Перо откри како го нокаутирал Леброн Џејмс, изигра „Безобразни карти“ со Жаре и раскажа многу анегдоти од времето на НБА, а зборуваше и за своите синови.

На истото снимање со Перо, имавме тројца гости од Србија, раперите Раста, Римски и Корона, а скопски домаќин им беше Таско. Токму Таско, без проблем прочита неколку злобни коментари за него, во свој стил одговори на нив, а Раста зборуваше и за разводот со пејачката Ана Николиќ.

Трета среќа и една боемска, мераклиска емисија со Драган Спасов- Дац и со Александар Митевски. На истото снимање ни дојдоа и нашите пријатели, тамбурашите „Гезме“ за хитот „Уште ми фалиш“ да звучи уште побогато. Дац раскажа како е да се глуми на иста сцена со Никола Груевски.

Откако ги испративме Дац и Митевски, започна шоуто. Четвртата епизода ја снимаше Амди Бајрам. Изјави дека Сашо Мијалков после Бранко Црвенковски е најдобар за во кафана, вртеше тркало на среќата и ги опишуваше политичарите, и раскажа за сите свадби и сунети на децата и на внуците кои ги организирал на копно, во воздух и под вода.

Младите глумци од филмот „Врба“ направија парче. Сара Климоска и Никола Ристески рапуваа како професионалци, а Наталија Теодосиева иако со скинати хулахопки, изигра мини џез балетска точка. Младите актери ги засили нивниот поискусен колега, Благој Чоревски- Чоре кој има епизодна, но ефектна улога во филмот на Милчо Манчевски.

Глумците од „Фамилијата Марковски“ ни беа гости во шестата епизода. Александар Микиќ раскажа дека создал друштвена игра, Силвија Стојановска за прв пат прозборе за внукот Ненад од ќерката Јана, а Петар Петковски покажа дека е музички талентиран.

Влатко Лозаноски- Лозано ни е секогаш драг гостин. Расположен за муабет како никогаш до сега, раскажа како го ограбиле, од што се плаши, ама и низ игра ги погодуваше нозете на своите колешки. „Љубојна“ ни беа добри музички гости во истата епизода.

Студиото никогаш не ни било толку весело како на снимањето со децата од „Дајте музика“ и со тинејџерите од „Гласна куќа“. Песни, смеење и сите таленти од малите, но големи актери ги видовме во таа епизода.

Последното снимање од годинава што изминува беше со Благој Веселинов и со Дејан Лилиќ. „Попара“ ја нарече оваа емисија самиот Дејан Лилиќ, и во право е. Секој муабет со глумците од „Дедо и внук“ беше со многу смеење, а го зачинија анегдотите на Маријан Ѓорѓиевски, особено онаа кога на иста девојка ѝ се пуштале со Благој. Министерката за финансии Нина Ангеловска и директорката на УЈП Сања Лукаревска читаа злобни твитови за апликацијата МОЈ ДДВ.

Крајот ја краси годината, а тоа е Игор Џамбазов. За својата прва љубов, за своето прво и последно летување во Грција кога од соба не излегол девет дена, за сите свои песни и блуз патувања, раскажа нашиот пријател Иги, во специјалната, новогодишна емисија.

За малку, шоуто ќе го узурпираше Жарко Збрефтов, кој неколку пати се појави и во оваа сезона. Не се заборава ни „ексклузивното интервју“ на Збрефтов со Катица Јанева. И секако нашиот втор домаќин Мешевски.

А Жаре? Тој беше и пејач на хитот за „Принц Али“, и танчар и портпарол на благајната на СЈО…

Ви благодариме што бевте со нас и оваа година. Продолжуваме со забава и со убави гости и во 2020.

М.Џаровска