Влатко: Бројот на заболени расте, но опаѓа бројот на сообраќајки
Новиот албум на Влатко Стефановски е во завршна фаза, според она што гитарскиот мајстор го објавува на социјалните мрежи. Влатко со своето трио е во студио, и го преслушува снимениот материјал.
Албумот, според она што претходно го изјави е со работен наслов „Taftalidze Shuffle“. Влатко беше дел од првата карантинска Еден на Еден, „Седи си дома“ во март, која се снимаше дома кај Жаре. Тој даде интересно размислување за тоа кои позитивни работи можеме да ги извлечеме од кризата со коронавирусот.
„Сите треба да имаат храна и работа. И на сите сега им текна: Чекај бе, ние останавме без работа. А што да кажеме ние музичарите? Мене ми се откажани концерти . Празно е. А, може и треба да се испразни. За да можеме малку да го завртиме системот на вредности и малку да се прашаме: Што тоа правиме, и дали добро правиме? Една работа ми паѓа во очи. Точно е дека расте бројот на заболени, меѓутоа точно е и тоа дека опаѓа бројот на загинати во сообраќај. Ние губевме луѓе во сообраќај како да сме во војна. Веќе нема сообраќајки со фатални последници. Ако ми веруваш , јас со години не сум седнал во двор да испијам кафе, затоа што воздухот ни беше многу загаден. Сега ми се чини дека воздухот во Скопје е малку почист“, изјави Влатко во Еден на Еден пред два ипол месеци.