Моќта на авторитетот
Луѓето отсекогаш биле склони да почитуваат авторитети. Велат дека почитувањето е толку старо и датира уште од библијата. И тоа од приказната која сите веројатно ја знаете, онаа за Адам и Ева. Бог им рекол дека не треба да јадат од градината во која имало јаболка, но како што е познато ѓаволот ја излажал Ева и таа земала од вкусните јаболка кои виселе на дрвата и со тоа го разлутила Бог. Секако казната следувала и двајцава биле избркани засекогаш од рајот. Оваа приказна има различни интерпретации во повеќе религии, што би рекло на неа немаат ексклузивитет само христијаните.
Што е поентата од оваа приказна?
Многу јасно може да заклучиме дека непочитувањето на авторитетот може да ти донесе многу лоши работи во животот. И обратно, доколку го следиш оној што го сметаш за авторитет ќе ја добиеш заслужената награда (во нашиот случај тоа би бил продолжен престој во рајот). Е сега тука лежи зајакот, што ние сметаме дека преставува авторитет и колку лесно можеме да бидеме излажани и манипулирани од некој што ни се преставува како таков.
Продолжуваме со уште приказна, поточно експеримент кој е направен пред повеќе од 50 години и на еден исклучително суров начин ни дава увид во човековата психа или во волјата на луѓето да следат авторитети кои им даваат задачи со кои тие во основа не се согласуваат.
Професорот Стенли Милграм ангажира група на волонтери кои учествуваат во ескперимент кој треба да покаже колку луѓето се спремни слепо да следат туѓи авторитети. Се работи за следново: Еден субјект поставува прашање на друг субјект и доколку прашањето биде неточно одговорено, првиот субјект пушта електрошокови кон другиот и тоа за секој неточен одговор појака волтажа. Е сега оној кој ги добива шоковите е всушност лажен субјект и само глуми болка која се зголемува со секој нареден струен удар, но субјектот кој ги поставува прашањата и кој ги пушта шоковите, тоа не го знае.
Што мислите колкав процент од луѓето оделе до крај, т.е. дале шокови од 450 волти (доколку биле реални можеле без проблем да го убијат човекот од другата страна).
Апсолутно никој, а најмалку професорот Милграм, не очекувал дека неверојатни 65% проценти од испитаниците ќе одат до крај и дека ќе ја дадат најголемата доза. Ниво кое како што кажавме би можело да ве убие. Исклучиво поради тоа што испитаниците имале авторитет над нивниот, иако против нивните верување, по своја волја оделе до крај без да го прекинат експериментот. Волјата на испитаниците да одат до крај и да ги слушаат командите на авторитетот се главниот резултат на овој експеримент. Обични луѓе кои никогаш не направиле ништо лошо, во основа за само неколку минути може да се претворат во убијци само затоа некој им рекол тоа да го направат, да не секираат и да си продолжат до крај.
Овој случај е екстремен но низ историјата отворил огромни дебати, околу тоа како авторитетот се користи за постигнување на разни цели (пред се од комерцијална природа).
Ќе продолжиме со уште еден повесел ескперимент. Висок човек, кој добро изгледа облечен во скапо одело и чевли чека на семафор, но семафорот покажува црвено. Човекот одденаш тргнува на црвено светло и голем дел од луѓето кои чекаат со него тргнуваат да го следат. Од друга страна на некоја друга раскрница друг човек, е облечен во обична облека и не е премногу уреден. И тука семафорот покажува црвено и тука човекот тргнува да помине….но него не го следи никој. Зошто?
Облеката е еден од симболите на авторитетот. Таа симболизира моќ и тоа е една од главните причини поради кои луѓето имаат тенденција повеќе да обрнуваат внимание на убаво облечени луѓе. Доколку добро облечените луѓе и убаво изледаат шансите да го почитувате таквиот авторитет нагло се зголемуваат.
Но една од главните алатки за наметнување на авторитетот се титулите. Проф-Др, Мр, примариус………..и што ли уште не. Правени се ескперименти во кои се следи реакцијата на луѓе кога запознаваат други луѓе кои ќе се претстават само по име и кога ќе се претстават со нивните титули. Резултатите покажале дека односот кон луѓето кои имаат титула е многу поразличен. Се внимава што ќе се каже, како ќе се каже, соговорниците се плашат да не излезат глупави и сл. Од друга страна, други луѓе кои седат со истиот човек (кој овој пат не си ја кажува титулата) се однесуваат комплетно различно и лежерно.
Типичен пример за слепо почитување на авторитет се докторите. Дали некогаш сте се посоменевале за тоа што докторот ќе ви каже. Веројатно еднаш или ниеднаш. Процентот на следење на советите на лекарите е неверојатно голем и веројатно токму поради тоа голем број на компании се во коруптивна спрега со доктори кои треба да препишуваат нивни лекови. Едноставно нема кој да се спротистави на нивниот авторитет.
Нормално автомобилите и различните додатоци кои ги прават луѓето да изледаат побогати, воедно ги прават да изгледаат и поавторитативни и затоа можат полесно да добијат ДА како одоговор, споредено со другите луѓе.
Идејата на овој текст не е да ги руши авторитетите, целта е секогаш кога се соочуваме со некаков тип да авторитет да се запрашаме:
Колку е овој авторитет вистински есксперт и авторитет?
Дали треба да се верува на лекарите кои препорачуваат пасти за заби, или дека некој си производ е одобрен од некаква си федерација која треба да ни се претстави како авторитет. Дали луѓето кои го следеле на семафор човекот кој носел добро одело направиле паметна работа и се запрашале зошто да поминувам по него на црвено.
Па дури и да се покаже дека некој е кредибилен , запрашaјте се зошто го прави ова што го прави?
Дали навистина лекот кој е три пати поскап е подобар, дали телевизорот кој ви го препорачуваат вреди за таа доплата која треба да ја направите, дали лед сијалиците навистина се толку подобри или само плаќате скапо за нешто што осветлува помалку.
Бидете скептични, некогаш се исплати.
Милан Димитриоски