Ако „Пивофест“ беше ваков годинава, што ли нè чека следниот јубилеен 15. фестивал
„Пивофест 2016“ заврши синоќа со голем огномет и уште неколку одлични настапи. Зошто ние го објавуваме овој текст толку доцна? Ни требаше време да се освестиме, расониме, одмамурлосаме… Веќе треба да ви е јасно колку добро сме поминале последните четири дена во Прилеп.
Четвртата и последна вечер на најголемиот фестивал на пивото и на скарата, од чија организација со гордост може да кажеме дека бевме дел, почна со Александра Радовиќ. Дама позади и на сцената, српската пејачка ги исполни своите најголеми хитови.
Сепак, како што се повеќе се точеше пиво, така и атмосферата си бараше да биде разгорена. На големата бина следни излегоа маестралните Дарко Петровиќ и „Биг бенд“. Кулминацијата секако беше со Аки Рахимовски и „Парни ваљак“, со кои и официјално заврши овогодинешниот фестивал.
Она што е добро, што следната година е 15-та и јубилејна, а како што денеска најави градоначалникот на Прилеп Марјан Ристески, ќе се обидат да донесат светски атрактивни музички имиња.
Тој додаде и дека „Пивофест“ прерасна во бренд на Прилеп и на Македонија.
– Годинава стотици илјади гости дојдоа од цела Македонија и од странство и јас би рекол, манифестацијата стана надвременска, зашто и покрај дождовите речиси секој ден, ништо не го наруши функционирањето на манифестацијата четирите фестивалски дена – рече градоначалникот.
Според Талија Петреска од невладината ЦГИ во сите четири фестивалски дена безбедноста на гостите била на највисоко ниво, а и имало и висок степен на сообраќаен ред, ако се земе предвид дека само во саботата се поставија нови рекорди со 100 илјади посетители и со 20 илјади возила.
Екипата на „Еден на еден“ едвај чека на јубилејот. Им упатуваме огромно благодарам на домаќините, кои докажаа дека навистина држи вода муабетот дека прилепчани се најдомаќини во Македонија.
Еден е Прилеп, еден е фестивалот!
Слики од последниот ден: