„Братучедот“ на Саша Ковачевиќ и танчерките од „Флај проџект“ – по ова ќе ја памтиме првата вечер на „Пивофест 2016“
Како за четврток, изненадувачки многу народ вчера се собра пред главната бина на прилепскиот „Пивофест“. Тука во голема мера придонесе и изгледот на наша Марјана, а зошто да не и оној на Жаре (хмм… не).
Но, мора признаеме дека публиката збесна дури откако на сцената се појави братучедот на Саша Ковачевиќ – пејачот на „Тропико бенд“. Добро, не вистинскиот братучед, но навистина си личат, а и тој нагалено е Саша.
Фестивалот почна со настапот на локалните блуз-мајстори „Кросроуд бенд“. Подоцна на сцената се качија момците од тетовскиот реге-бенд „Конкеринг лајон“, кои го донесоа и специјалниот гостин Рафаел од Јамајка.
– Си поминувам одлично. Првпат сум во Македонија, но ми се допадна енергијата помеѓу нас и публиката. Пред да дојдам ми кажаа – овде има убави жени и одлична храна. Морам да признам и од двете сум многу задоволен – изјави пејачот по настапот.
Следно, Марјана и Жаре го повикаа на сцената градоначалникот Марјан Ристески, и наздравувајќи со кригла пиво и официјално го прогласија фестивалот за отворен.
Градоначалникот им посака добредојде и убав помин на сите гости, кои и годинава ги има од секаде, па дури и од Кина. Ги потсети и да свртат малку на шега и на мајтап, бидејќи сепак ова е Прилеп.
Тогаш дојде моментот, кој очигледно сите го очекувале – „Тропико бенд“.
Немаше дете, жена, маж, баба или дедо што не ги знаеја рефрените на дечките од Србија (без претерување). Тие на сцена останаа повеќе од два часа и до толку им се допадна, што не ни сакаа да слезат.
Некаде по еден по полноќ, пак, започна настапот на напите другари од романската група „Флај проџект“ кои го исполнија она што утрото го ветија – навистина направија одлична журка.
Колку самите тие, толку и двете танчарки кои ги придружуваа на сцената 😉
Ние и денес сме во Прилеп. Денски ќе се закотвиме на еден од штандовите и ќе чекаме да дојде бурата што толку многу ја најавуваат.
Вечер, ги пречекуваме Каролинче и Хари Мата Хари. На здравје и бујрум накај Прилеп!
Повеќе слики од првиот ден: