Дац за „тепачката“ со Груевски, Митевски за шесте броја на Угро: Интересни приказни за нашите следни гости
Продуцентот и пејач Александар Митевски и актерот Драган Спасов-Дац, откако интензивно соработуваат и се дружат, на шега велат дека личат на брачен пар. Тоа е само дел од муабетите што ни ги раскажаа на вчерашното снимање на „Еден на Еден“, третата епизода од „Сезона 11“, која ќе ја гледате во недела, на Канал 5 од 18.30.
Најмногу време, заедно поминуваат во студиото „Торус“ на Митевски во стар „Пионерски дом“, сегашен „ДКЦ Карпош“. Тоа место им е и студио, и место за состаноци и кафана. Дац е мераклија за колбаси. Токму кога се договаравме за деталите околу емисијата, тој нарачуваше мезе во еден од блиските ресторани.
„Се знаевме одамна, ама првата позначајна средба ни беше кога почнавме да се грабаме за микрофон, кој прв ќе испее песна од Жељко Бебек“, ни раскажа Митевски во студиото кое личи и на музеј и на библиотека. Од „100 % Фанки“, до „Кометал шампионе“, преку „Македонија навива за вас“ на Тоше Проески, „Виолина и гитара“ на Дуле и Коки, соработката со Трифун Костовски, сето ова се пишувало во весниците и во списанијата кои кај нас за жал сѐ поретко ги има. Изгледа дека Митевски ги чува сите овие написи, залепени на еден ѕид од студиото. Ја паметите онаа „Шест броја“ од Угро, или „Забава до бесвест“ на „Нови дечки“ или песните на охридското дуо „Зш“? Автор е пак Митевски, но ниту едно „Златно славејче“ не поминува без негова песна.
Дац пак не ја почнал кариерата како глумец, туку бил манекен. Ама повторно сѐ се вртело околу Драмски театар. Спроти Драмски сега има маркет, а на крајот на шеесетите имало некоја поголема (за тоа време) продавница. Дац заедно мајка му и со тетките, позната женска екипа на манекенки тогаш, се прошетал на писта носејќи плетен џемпер. И подоцна, многу нешта ќе го врзуваат за близината на Драмски, од самата театарска сцена до култното театарско бифе.
И за поранешниот премиер Никола Груевски падна муабет во еден дел од емисијата. Дац и Груевски, сосема случајно се нашле на на исто место во деведесетите. И тоа во тепачка сцена, во Драмски, во познатата претстава „Грев или шприцер“. За деталите од оваа приказна сепак малку ќе ве држиме во неизвеснот. До недела во 18.30.
До тогаш, слушајте си ја „Уште ми фалиш“, дуетот на Дац и на Митевски од „Макфест“. Пред да ја слушнете во „Еден на Еден“ во живо, во една топла, акустична верзија.