Двапати мисли, еднаш реши!

Доколку ве прашаме колку се 2+2 веројатно без дилема ќе одговорите 4. Одговарате инстинктивно и механички, без воопшто да се сомневате доколку сте во право.

Ако погледнете слика од некој човек што е намуртен и ако добиете задача да ги опишете неговиот живот и расположение, веројатно без многу напор ќе поврзете неколку реченици. Очигледно постои нешто што го изнервирало и што го натерало така да се однесува, дури можно е да претпоставите зошто е тоа така. Не е битно дали сте во право, но вашиот мозок без дилема ќе ви достави информации што ќе може веднаш да ги кажете.

Од друга страна, да видиме како би реагирале доколку некој ви ја постави следнава задача: колку се 27 х 19?

Очигледно дека се работи за посложена равенка од горната, за која не би требало да имате проблем да ја решите. Знаете дека одговорот не може да биде 10, на пример, а не може да биде ни еден милион. Значи, имате приближна претстава во кој распон треба да го барате решението. Нормално, доколку сте математичар, веќе го имате решението. Меѓутоа, потребен ви е малку поголем напор и доколку немате дигитрон при рака, треба да земете лист и пенкало да помножите и да го добиете одговорот 463.

Овие примери покажуваат дека човечкиот ум можеби функционира на две нивоа. Првото ниво на функционирање е без напор или со исклучително мал напор и во основа без контрола. На задачите како во почетокот на текстов одговараме без оптоварување и во голем дел инстинктивно. На некој начин имаме вграден природен чип на реакции, кој не го контролираме.

Второто ниво бара позначителен напор и поголема ментална активност, која ни е потребна да се снајдеме во покомплексни ситуации. Во ваквите ситуации потребна ни е поголема концентрација, одговорите ги бараме врз база на претходни искуства, но не решаваме исклучиво по нив. Затоа сите можеме да определиме во кој ранг да го бараме решението, но не го знаеме веднаш точниот резултат.

Патем речено, точниот резултат е 513. Претпоставуваме дека голем дел од вас не го проверија горното решение и го зедоа здраво за готово. Прашањето зошто е тоа така е исклучително комплексна тема, за која до ден-денес нема еден одговор.

Но пред да се вратиме на таа тема, погледнете ја следнава слика:
image01-480x272

Прашањето за вас е: која права линија е подолга, горната или долната?

Огромен дел веројатно вели дека горната линија е подолга. Така велат и 8 од 10 студенти на Харвард.

Горната слика е всушност познатата Müller-Lyer, која го добила насловот по истоимениот германски социолог. Всушност, двете линии се исти. Сепак, она што е фасцинантно е што и по утврдувањето на резултатот нешто ви кажува дека горната линија е поголема. Првиот инстинктивен систем не му дава на вториот да го наметне неговиот став.

Овој феномен всушност објаснува зошто за некои работи реагираме брзоплето. Ако се присетите, веројатно ќе ви текне на многу моменти кога сте донеле избрзана одлука. Впрочем, инстиктивното решавање во голем дел е и избрзано. Луѓето во основа и не сакаат да си трошат мозоците. Ги сакаме работите такви какви што се, без да размислуваме за нови алтернативи. За да дојдеме до нови алтернативи, потребен е многу поголем умствен напор.

Мудрите маркетари (и не само тие) ова го знаат многу добро и сакаат да не донесат во ситуација да донесеме одлука по кратка постапка. Во тој контекст познат е примерот на професорот по медицина, кој ги прашал докторите-дијагностичари како ќе реагираат на пациент што ќе дојде во нивната ординација и ќе каже дека веќе бил кај десет лекари и никој не може да го открие неговиот проблем, а тој е постојано во болки.

Очекувано, голем дел од лекарите рекле дека ќе го примат и дека ќе му помогнат најмногу што можат. Но професорот на тоа одговорил дека таквиот пациент е веројатно психопат, за кој едноставно нема класично медицинско решение. Впрочем, што вие би откриле што не можеле десетмина пред вас. Секако, ако немате случај на доктор Хаус, кој, за жал, е само измислен лик. Кога ќе размислите трезвено, ќе сфатите дека на барањето на овој пациент треба да одговорите со скепса, но вашето прво ниво на брзо размислување ќе ви го забрани тоа.

Во голем дел од животот брзото решавање помага и го штити мозокот од трошење. И тоа е добра функција, но во многу ситуации потребно е вклучување и на вториот систем, кој бара поголем напор, но дава многу подобар резултат.

Милан Димитриоски