КАКО СЕ РАЗГОВАРА СО ВАСКО ЕФТОВ И ШАБАН ШАУЛИЌ

Секој петок летово, креативниот директор на агенцијата Еден на Еден и водител на вашето омилено ток-шоу, Жаре објавува колумни инспирирани од секојдневната работа на тема бизнис, претприемништво, маркетинг и слично во т.н. Летна школа со Жаре. Истите се напишани за македонскиот бизнис сајт faktor.mk, а специјално за вас ги пренесуваме и тука.

Денеска – КАКО СЕ РАЗГОВАРА СО ВАСКО ЕФТОВ И ШАБАН ШАУЛИЌ

***

Секогаш ми претставува особена чест кога ќе ме поканат за гостинско предавање на некој факултет, семинар и сл. Секогаш со посебна насмевка на студентите им зборувам за делот во кој ги советувам да бидат “манипулатори”. И не може, а да не ми дојде пак и сега. Колку и да звучи чудно, можеби лошо, убаво е да знаеш да ја контролираш ситуацијата, да бидеш мини-манипулатор, да ја тераш водата на своја воденица. Има едноставни трикови за тоа. Иако, морам да напоменам дека сето тоа важи само во ситуации кога сакаш да оствариш вин-вин ситуација, кога имаш строго позитивна мисла и цел. “Манипулации” за исклучиво своја корист се строго краткорочно одржливи, зошто потоа лесно ќе бидеш прочитан. А секако, никому не му е цел да биде краткорочен на пазарот. Напротив, сите сакаме да постоиме долго и да оставиме наш печат!

Слушај
Како кога заведуваш девојка или пак како кога правиш интервју на телевизија (аман бе Жаре, не водат сите емисии…), толку многу е едноставно, само слушај. Надоврзувај се на темата, поставувај потпрашања. Повеќето луѓе само сакаат да кажат што тие мислат и се презафатени со сопствените мисли. Токму затоа, секогаш се цени некој кој не е себичен и не зборува само за она што тој сака да зборува.

Клише или не – невербалното е многу важно
Кога се води вистински дијалог, кога двајца сериозно се влезени во конверзација, двајцата имаат тенденција да оддаваат многу невербални сигнали. Копирање на движењето и физичката позиција на другиот, насмевката, движењето накај соговорникот, директниот контакт со очи и тело кон другиот – сето тоа се “хинтови” дека соговорникот е комфорен со нас, дека е отворен кон нашето влијание и идеи.

Не биди себичен со пофалбите
Овде не зборуваме за маски и “улизување”. Секој кој заслужува почит и признание истото треба да го добие! Апсолутно секој, без разлика на своите остварувања, се додека има нешто за кое вреди да биде пофален, ќе биде благодарен кога истото ќе дојде во искрена форма. Сите поинакви форми на пофалби ќе бидат протолкувани многу негативно и само ќе го наруши односот меѓу соговорниците.

Прашувај и барај совет
Како надоврзување на претходното, секој сака да се почувствува важен, а што е поголемо признание од тоа да се побара нечиј совет. Секој има своја област на знаење и експертиза на која е особено горд и барањето да сподели дел од истата е секако одличен начин да се покаже почит. Ако одиме и малку психолошки подлабоко, истото ќе допринесе и за зголемување на нашиот статус кај соговорникот, поради тоа што во неговите очи ние сме некој кој ја препознава вредноста на тоа што тој може го понуди.

Не заборавај основни информации
Најглупавотонешто што може да се погреши е тоа да не се запамети името на соговорникот. Моментот на поздравување и користење на името е најпростото нешто со кое започнува се. Тоа што ќе го чуе своето име, на соговорникот му кажува дека истиот бил доволно важен да ние се “позамараме” да го запаметиме. Секако, сите дополнителни информации кои ќе ги запаметиме и искористиме понатаму во разговорот само ќе помогнат да оставиме впечаток и да го зајакнеме влијанието што го имаме кај соговорникот.

Најди заедички работи
Без разлика дали сум бил со ЦЕО-то на топ 10 компанија во Македонија, познат политичар, Васко Ефтов или Шабан Шаулиќ, со секого сум нашол заедничка работа. Кој било да седне наспроти тебе, навистина не е воопшто тешко за кратко време да најдеш нешто заедничко. Благодарение на тоа се остваруваат посилни конекции со соговорниците и притоа поголема е шансата за наше влијание врз нив. При подготовка за некој важен состанок, секогаш е убаво да се потсетите на вашите заеднички интереси, да се “апдејтирате” за најновите настани од областа и да отворите со тоа. На тој начин, состанокот ќе фати убав тек и атмосферата ќе се релаксира за побитните работи кои натаму ќе се дискутираат.

Жаре