Карантинот ме фати со авионската карта в раце: Милчо Манчевски за Еден на Еден
Состојбата со коронавирусот ги одложи сите планирани проекции на филмот „Врба“ на Милчо Манчевски и уште многу негови активности. Познатиот режисер, за Еден на Еден изјави дека неколку дена пред да започне карантинот, требал да замине во Њујорк.
„Карантинов ме фати на 2-3 дена пред да одам за Њујорк, со авионската карта в раце. Требаше да одам за Аризона на конференција на лингвисти каде требаше да има проекција на Врба. Откажана е, а откажани се и еден куп фестивали на кои филмот требаше да игра – Синеквест во Калифорнија, Софија, Истанбул, Москва, Шангај… Се надеваме дека е само одложени, а не и трајно откажани, ама кризава секако ја пресече пролетната меѓународна турнеја на Врба. Ми ги откажа и едномесечниот residence престој во Италија, ретроспективата и мастеркласот во Барселона, приватните патувања…. Ќе почнам да работам на фотографиите за есенската изложба во МСУ и книгата во издание на Антолог. Како тргнал вирусов, ќе има време човек да ги прочита и собраните дела на Шекспир, и Цепенков, па и Кардељ“, ни изјави Манчевски.
Тв премиерата на филмот „Врба“ ќе ја гледаме во недела во 22 часот на МТВ 1. Епизодата со актерите од „Врба“, Сара Климоска, Наталија Теодосиева, Никола Ристески и Благој Чоревски- Чоре беше е една од најгледните во Сезона 11. За добро расположение, еве го freestyle рапот што Сара и Никола го изведоа во нашето студио. (М.Џ.)