Кога Жаре беше студент: Од оваа дистанца, супер избор направив. Добар Жаре, добар
Годинава навршуваат 12 години од кога наш Жаре беше матурант. За тоа како изгледал на матура, немаме докази, но затоа, знаеме што следуваше потоа 🙂 Како помина студентскиот живот на Жарко Димитриоски, може да прочитате во неговото интервју за „Факултети“.
Телевизиската кариера на Жаре почнала уште во основно школо, кога како член на детското драмско студио во МТВ добил неколку улоги во емисии за деца. Сепак, јавноста сѐ уште најмногу го памти како Диме Такси, ликот што го глумеше во серијата „Големи и мали“. И тука се заразил со актерството, љубов поради која и размислувал да се запише на Факултетот за драмски уметности (ФДУ) во Скопје. Но, наместо за актерство, се одлучил за студиите по новинарство на Правниот факултет во Скопје.
Навистина сакав да се запишам на ФДУ. Ама во тоа време веќе работев година-две во Спорт 4 телевизија, работа поради која кога бев втора смена во школо излегував од петти или шести час и одев да коментирам француско првенство, куп на УЕФА, НБА и такви работи. А и постарите актери со кои контактирав од претходно некако ме пишманија од идејата, па не ми остана некој голем избор. Новинарство беше единственото нешто на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” кое имаше некаква допирна точка со медиуми. Беше или тоа или маркетинг, ама второво почека и си го завршив на магистерски – ја почнува Жаре својата студентска приказна.
Освен за ФДУ и за новинарство, никогаш не ни размислил да се запише на некој друг факултет. Одредено влијание врз одлуката да ги избере студиите по новинарсто имал и фактот што мајка му не била баш воодушевена ид идејата нејзиниот син да студира на ФДУ.
Од оваа дистанца, супер избор направив. Добар Жаре, добар – со насмевка вели тој.
За време на студиите многу се дружел со колегите од генерацијата, особено со една група од дваесетина идни новинари кои нон-стоп биле заедно.
Прочитајте го целото интервју на „Факултети“.