Коронавирусот ги раздели: Српско- кинеска љубовна приказна
Коронавирусот им ги расипа плановите за иднината на Урош Симкиќ од Белград и Шанг Ли од Кина. Кога на 20 јануари оваа година се разделија на белградскиот аеродром, не можеа ни да претпостават дека тоа ќе им биде последната средба, барем за сега, пишува белградски „Блиц“.
Романсата помеѓу Урош и Шанг почнала пред четири години, случајно, на интернет.
„Се запознавме во 2016 преку апликацијата Badoo. Брзо сфативме дека се интересираме за исти нешта, дека се разбираме и имаме ист смисол за хумор. Со еден збор, кликнавме“, раскажува Урош за „Блиц“.
По половина година видео четови, и за двајцата, љубовта на интернет не била доволна. Урош и Шанг за прв пат се сретнале во Белград. Таа таму поминала цел месец.
„ Моите родители ја засакаа веднаш. Не можев ни да претпоставам дека толку добро ќе се сложуваме. Кога се врати дома, тешко ни падна што сме разделени, па јас почнав да се подготвувам за пат во Кина. Бев многу возбуден“, раскажа Урош.
Откако по извесно време заминал да ја посети саканата во Кина, заеднички решиле тој да се пресели кај неа и да најде работа. Во 2017 година, Урош се преселил во Хохот, и вели дека и покрај културолошките разлики, имале убав живот со Шанг.
„ Моите од старт убаво ја прифатија, а на нејзините им требаше време да ме прифатат мене“, раскажува Урош.
Тој и Шанг новогодишните празници ги поминаа во Белград, кај семејството на Урош, и не ни помислаувале дека животот ќе им се смени од корен и дека ќе им се расипат сите планови за иднината.
„ Кога епидемијата почна, уште бевме во Србија, но бевме свесни колку состојбата може да е сериозна. Шанг замина дома за да ја помине кинеската Нова година со родителите. Требаше да ѝ се придружам за неколку дена, додека да ја средам документацијата која ми недостасуваше. Сите планови паднаа во вода кога сфативме дека од моето заминување во Кина нема ништо“, додава Урош.
Тој и Шанг се сега заробени на различни краеви на светот, не знаејќи кога повторно ќе се видат.
„Карантинот тешко ми паѓа. Не излегувам од дома и се чувствувам како во затвор. Утеха ми е што се слушам со Урош повеќе пати на ден, читам, гледам филмови. Едвај чекам повторно да го видам и да се вратиме во нормала“, изјавила Шанг.
Урош додава дека немоќта најтешко му паѓа, но љубовта и позитивните мисли го одржуваат во овој тежок период.