Норвешка, меката на социјализмот во Европа?
Пред некое време можевме да прочитаме дека државата Норвешка нема јавен долг. И тоа не само што нема долг, таа дури има негативно ниво на јавен долг од околу 170% од БДП. Што би рекло активата на државата ги надминува обврските што ги има истата. Норвешка е земја која остварува огромни суфицити во трговската размена и во нејзино сопствеништво се голем број на компании кои генерираат огромни профити и тоа и овозможува постојано да ги полни државните фондови кои потоа ги пласираат парите онаму каде што тие мислат дека најсигурно ќе се оплодат. Овие податоци не натераа да направиме едно мало истражување за земјата која се наоѓа на северот на Европа и е пример за тоа како треба да изгледа една држава.
Пред се ова е земја која има помалку од пет милиони жители и која не е многу поголема од Македонија, па дури и кога би била сместена на Балканот од неа би имало многу поголеми држави. Дури 87% од жителите се или родени во Норвешка или имаат барем еден родител кој е роден во Норвешка. Белците ги надминуваат останатите во сооднос 50:1. Во САД на пример овој сооднос е 4:1. Инаку еден од петорица Норвежани живее во Осло, додека 4/5 од населението живее во градови. Ова би биле некои основни интересни демографски факти кои веројатно имаат влијание на она што денес е Норвешка….и да не заборавиме, Норвешка нема евро, ниту е член на Европската Унија, ниту засега има намера да биде. Кога би сакала Норвешка би можела да и го врати до последен долар целиот долг на Грција и притоа повторно да има негативен нето долг (добро е да имаш негативен нето долг). Значи Норвешка има доволно пари да и го врати целиот долг на Грција и на неа да и останат сосема доволно средства. Но, Норвешка не е во ЕУ и сега тој товар најмногу си го носи Германија која е втор најголем трговски партнер на оваа земја.
За Норвешка сите велат дека е социјалистичка држава која носи капиталистички костум. За жал не сме имале можност да одиме таму и не знаеме како точно изгледаат работите таму, но факт е дека социјал-демократските идеи во вистинската смисла на зборот имаат фатено и те како корен во Норвешка. Луѓето учат од нивните искуства, а искуството на Норвешка во минатото вели дека оваа земја има излезено од еден суров капиталистички систем и од еден тежок ескплататорски либерален капитализам. Токму поради ова после втората светска војна се создава еден сосема нов начин на фукционирање на земјата, па така денеска земјата контролира 1/3 од котираните компании на берзата меѓу кои гиганти како Теленор, гигантот Статоил, Норск Хидро и најголемата банка во земјата. Сите наброени фирми генрираат огромен профит и се пример дека доколку има правилна свест и државата може да менаџира големи компании без поголеми проблеми. И притоа во изминативе 13 години државни обврзници на Норвешка на инвеститорите просечно им носеле преку 6% принос. Сега носат многу малку со оглед на тоа дека Норвешка е една од државите кои се најсигурните во Европа.
Но пред да ја прогласиме оваа земја за социјалистички рај, моравме уште малку да го продолжиме истражувањето и дојдовме до интересни податоци.
Даночниот систем на Норвешка сепак не е до тој степен дизајниран да им ги зема парите само на богатите. Напротив според статистики на ОЕЦД во голем број на држави најбогатите 10% од населението плаќаат пвеќе даноци. Интересно дури и во САД земјата во која се води огромна дебата на оваа тема богатите плаќаат повеќе од примерот за оваа проблематика – Норвешка.
Исто така во повеќе Европски држави процентот на даночни приходи спореден со БДП е поголем од оној на Европа. И она најбитното по кое економистите ја мерат економијата, опфатот на државата во БДП постојано паѓа. Од повеќе од 51% во 1992 година на најниското ниво од 39% во 2008 година (значително помало од Франција на пример и многу блиску на она во САД).
Заклучокот од горните податоци е дека перцепцијата е некогаш далеку од реалноста. Не е целта само да се прогласиме за социјална држава. Не е целта само да се донесат закони за големи даноци условно речено против богатите. Очигледно е дека многу е битно како парите кои се собираат се троши и секако дали тој што ги троши има развиена совест за таа работа. Исто така факт е дека Норвешка успеала да направи одличен хибриден модел меѓутоа таа е многу повеќе капиталистичка земја, отколку социјалистичка, разликата се чини дека не е во процентите туку е во луѓето.
И во последниот дел од оваа анализа, да ја кажеме можеби најбитната работа. Норвешка има нафта и тоа многу нафта. Ако има кажете на Норвежаните дека се како Саудиска Арабија ќе ви се смеат, затоа што Норвешка по глава на жител произведува два пати повеќе од Саудиска Арабија. Нафтата беше многу добра за Норвешка. Во период од десет години Норвешка за 100% го зголеми приходот од нафта по глава на жител, од 6.200 на 13.500 долари. И за крај уште еден интересен факт, поради кој оваа земја ја нарекуваат Боно меѓу државите. Додека цел свет се угледува на нејзниот модел и на тоа како треба да се угледуваат останатите оваа земја ги има зголемено емисиите на CO2 за повеќе од 30% во период од 20 години, Американците како репер за загадувачи го зголемиле нивото за само 7%. Сето тоа благодарение на постојаното зголемување на нафтените капацитети.
Интересот е секогаш на прво место.
Милан Димитриоски