Од шверц на фармерки до најбогатиот ром: Амди Бајрам со ексклузивни приказни во „Еден на Еден“
Со гостин како Амди Бајрам не може да биде здодевно. Ни на снимање на емисијата, ниту за време на подготовките. Прво, се плашевме дека ќе не извиси. Потоа, откако стаса во студио и тргна со приказните, никој не можеше да го сопре.
Сега, имаме мака. Што да скратиме во монтажа, да кратиме ли воопшто? За Амди треба книга да се напише. А во емисијата меѓудругото откри и дека се пишува биографија. Со оригинален наслов што личи само на него.
Вака тргна целата приказна со Амди. Го договоривме преку еден важен човек, берберот Ерхан. Зошто е важен Ерхан и што имаат заедничко Жаре и Амди? Ист бербер. А господинот Бајрам си ги почитува пријателите. И внимава на фризурата и на имиџот. Па откако ја прифати поканата, се договоривме да се видиме на кафе, во слаткарницата каде што секој ден е редовен гостин. По секоја седница во Собрание, со неговите најблиски соработници, таму му е највкусно кафето.
И, не се појави. Не извади од памет. Готово, си мислевме. Амди ќе не извиси, дај да бараме нов гостин. Ама се јави и се извини. Седницата се одолжила, а веројатно и тој имал што да каже на говорница.
Втора шанса за кафе. Дојде на време, дотеран, пак право од Собрание. Тргнаа муабетите од старт. „Ќе ви кажам сѐ“, веднаш најави. И си кажа, што е право. Од кафето кое го смета за помирување со Заев, до баловите на кои му доаѓал Груевски. И дека имал тешко детство, и дека шверцувал фармерки како млад, и за сите свадби и сунети на децата и на внуците со се авионите, бродовите, хелихоптерите…
Ова е само мал дел од она што ќе го гледате во недела, на Канал 5 од 18.30. И игри му смисливме плус. Нѐ чека епизода на „Еден на Еден“ што не се пропушта!
М.Џ.