Од сцена до штанд за 47 минути – лекција за масовност на трета вечер „Пивофест“
Четврти ден „Пивофест“! Денот ни започнува како што е редот во недела и по онаква саботна ноќ – со чорба. Утрово, заедно со Жаре, Марјана и градоначалникот Ристески, во друштво сме со камперите во Могилата на непобедените, кои имаат ем бесплатен камп, ем секое утро бесплатно кафе и чорба. Среќници 😀
Ги собираме впечатоците од вчера, кога буквално уште од попладне почнаа да доаѓаат илјадници и ијадници автомобили, кој со скопски, кој со битолски, кавадаречки, штипски (you get the point) таблици. До почетокот на вечерта возила имаше паркирано едно до едно до излезот на градот – без претерување. Уште од тогаш се знаеше што не очекува.
Уште од самиот почеток публиката беше расположена. Му се израдуваа на нашиот пријател Миле Кузмановски, а посебно на неговата „Не кани ме“. Следуваше Рада Манојловиќ, за која богами, многу возбудени младичи ни зборуваа цел ден. Рада дојде по фармерки, може некој и разочара, ама девојчето си направи супер журка, а тоа се гледаше по сите оние насмеани и распеани лица пред главната бина.
Но, се знаеше за кого ќе бидат главните слекувања на маички, качувања на рамо и последните гласни жици. Човекот – Аца Лукас.
Што да ви раскажуваме, кога сликите ќе покажат најдобро!
Она што можеме да ви го доловиме е дека во живо почувствувавме што значи кога ќе кажат „Игла нема каде да се фрли“. Или сликовито, од бина до најблискиот штанд патувавме 47 минути! Па, ти види сега.
Рекордот на посета во една ноќ е срушен. Синоќа дојдоа повеќе од сто илјади луѓе, повеќе од вечерта кога пееше Цеца, вечерта со Лепа Брена и лани со Саша Ковачевиќ. Се испија тони и тони пиво, се изеде уште толку скара.
Вечерва прва на сцената ќе ја видиме Александра Радовиќ, за веднаш потоа атмосферата да се вжешти со маестралниот Дејан Петровиќ и оркестарот „Биг Бенд“. Публиката со нетрпение ги очекува „Парни ваљак“ со кои и ќе биде затворен овој 14. по ред „Пивофест“.
Еден е фестивалот!
Повеќе слики од третиот ден: