Одам на One Republic заради политика!

Претпоставувам дека поголем дел од Вас го почнуваат својот ден како мене. Стануваш, ги поминуваш утринските рутини и се вклучуваш на нет да видиш што новости има кај политичкиве ни ликови и што манџа ни имаат подготвено за ручек или вечера. И така ден за ден, недела за недела, влезени сме во еден маѓепсан круг на константна напнатост и неизвесност на која не и се гледа крајот.

Толку многу глупости ни се случуваат што вчерашните не се ни тема на муабет, туку само се фокусираме на денешната доза идиотштина, бидејќи логично, немаме толкав капацитет за да процесираме толкава количина на работи кои не треба да се мисла и товар на човек од 21ви и било кој век кога сме кај тоа… Па така, никој веќе не зборува за храбрите момци кои го напуштија светот на оној проклет 9 мај, ги сменија сите големи патриоти црните слики од своите profile pictures, сега веќе се занимаваме со бројки, google maps, т.е. пак се враќаме на стариот добар спорт – кој повеќе ќе го исплука неистомисленикот… Ееее и Евровизија не е тоа што беше! Си испеја Даниел, се пиша чат-пат по некој коментар, батали ги ти Даниел и Блекстрит, имаме доволно црнила тука за замарање, нели?

Како ви изгледа градот? Мене ми е потрошен. Тажен и збунет, како колективно раскинување да се случило. Како љубовта на животот да им раскинала одеднаш на сите и ги оставила тука, во градот на тагата да си играат секојдневие. Не може бе луѓе да се опседнуваме. Стигнаа девојчиња што не знаеја подалеку од тазе лакираните нокти да си видат, сега да ми изигруваат Хенри Кисинџер и геостратешки експерти со две три прочитани колумни и текстчиња по интернет портали!

Еден совет од човек кој како хоби си следи политички случувања одамна – олабавете малку. Полека, издишете, соберете сила зошто ќе изгорите како жижици на нова година. Не е тоа спорт за мекуши и аматери. Не се секирајте, имало, има и ќе има време се да се направи и каже.

Постепено станавме место каде нема да зборуваме и да се возбудуваме за тоа што најпопуларната група во целиот свет ни доаѓа во нашиот град на гости, туку очи ќе си ископаме за тоа дали на квадратен метар собирало двајца или тројца луѓе! И после зошто Роби Вилијамс одел во Белград, зошто Металика правеле концерт во Софија, зошто мора Ред Хот да ги гледам на Ушче наместо тука….

One Republic се токму тоа, најпознатиот светски бенд во моментов. Поради оваа политичка чорба од која и тоа како ми треба пауза, уште веднаш ќе си пуштам YouTube и на оние три-четири песни што им ги знам, ќе додадам уште десетина и со ќеиф на 1 јуни ќе бидам во Борис Трајковски и ќе рипам на Counting Stars, Apologize, If i lose myself, I lived и др. И со политиката се претера! Нема смисла…

Поздрав,
Жаре