Перо во Пентагон – краток расказ од Жаре
Ме инспирираше твитот што го ставив вчера во 1 и пол по полноќ. А можеби и последниве три-четиринаесет години сосе последниве два дена заедно…
Шефе, нема потреба од тоа хаарпот за кај нас, сами ќе си се уништиме… #МакедонецВоПентагон
— Жарко Димитриоски (@edennaeden) May 20, 2014
Перо во Пентагон
Перо секогаш беше најпаметен. Прв научи равенки, таблица множење знаеше уште летото меѓу градинка и прво одделение, читаше латиница и кирилица на пет години, ги знаеше сите знамиња на сите европски држави во четврто. На таа финта ја баци и Ана, така што прв беше и во љубовта. И се правеше џек, ја тераше да го испрашува со атласот што го украде од ранецот на постариот брат и финтата му успеа. Се да му ебам…
Сите предвидуваа дека Перо ќе стигне далеку. И никого не разочара. Заврши со сите петки во Корчагин и 9.2 просек на електро ама никогаш не си ја прости седмицата по Проектен Менаџмент што му ја стави “кучката”. Бар така мислевме и е името, никогаш не ја нарече поинаку. Доби стипендија во Љубљана и таму се запозна со некои си американци што работеле на некој си таен проект. Биле “хед хантери”, ловеле таленти што можат да им притребаат, а Перо да ти бил идеалниот. Епилог од дружбата со Дентон и Рамада (америте од Љубљана) му беше билет во еден правец за Аљаска во 2001 г.
Почна Перо да си игра и тоа со животот. Ама не својот, туку туѓите. На луѓе што не ни ги знае. На јапонци, хаиќани, новозеланѓани, индонезијци, турци… И сето тоа од удобната кожна мат црна фотелја во Аљаска, а од 2004 г. и од Арлингтон, Вирџинија. Стана Перо голем даса, доби канцеларија во Пентагон и на дневна база комуницираше со секретарот за одбрана, а неретко и претседателот на САД. На вториов и пет тегли ајвар му даваше секоја зима. Му праќаа, пет за претседателот – педесет за него. Обожаваше ајвар Перо. Се да му ебам…
Промени Перо и секретари и претседатели. Со црниов додуша послабо му одеше комуникацијата, може зашто не јаде ајвар, којзнае… И жената ја промени. Се разведе од Мишел и се зема со колешка му Валерија. До ден денес мисли дека му влијаел Бојс со песната… Што се не промени Перо ама работата му остана иста. И толку години подоцна, сеуште се ебаваше со тоа Хаарп-от проклет. Секојдневно по сто пати пцуеше и јоносфери и трансмитери и антени и се! Ко ритуал му беше, со кафето и со Вашингтон Постот што му го фрлаа пред врата сабајле во 5 и пол. И тие децата ги пцуеше, упорно му го фрлаа баш кај што му капе водата од олукот, па 1/8 од листот стално беше малку мокар…
Нов ден, нови срања. Нов муабет со шефот во канцеларија кај него за некоја мисија која штотуку ја завршиле на Балканот. Гледа Перо на саатот, Хаблот што му го подари Валерија со изгравирано “21.05.2009” од позади, дента кога се запознаа. Не му се ни верува колку брзо поминаа цели пет години. “Бидна и тоа. Нека се спасуваат сега кога немаат памет!” – викна шефот. “Сега со твоите ќе мора да се позанимаваме. Тие се на ред. Ајде, па ако биде се ок, за брзо веќе нема ни да има од каде да ти ги праќаат тие гнасните пиперки печени или што и да јадете таму!”
Се замисли Перо. Му текна што се случуваше годината кога замина за Аљаска. Му текна колку слични работи му раскажа брат му отпосле. Стотици и стотици ситуации и приказни, секоја иста како и претходната. Само различна магнитуда, различен степен на деструкција. “Исто ко и Хаарп-ов мочан, се да му ебам!” – си помисли Перо. “Толку време помина и ништо не научија. Може па и сите што можеа на нешто да ги научат си заминаа. Ко мене исто…”
Се сврте накај шефот и го погледна во очи. Ги крена веѓите, зеде воздух длабоко и ја наведна главата. Се загледа во дамката од мекдоналдс сендвичот што му паднала на чевлите и додека мислеше како ќе мора да се одвикне од вкусот на ајвар на зима и ќе мора да се навикнува се повеќе на пластичниот вкус од “премиум криспи чикен бејкон клабхаус сендвичот” испушти здив. Болно, споро… “Не бе шефе, остај ги. Нема потреба од ебаниот Хаарп кај нас, сами ќе си се уништиме”. Крена поглед накај шефот ама овој не го есапеше. Маваше како неарен по телефонот, имаше рекорди за рушење на “флепи брд”. Тргна Перо да си оди. Се искуца со картичката на излегување и зема да размислува како ќе го крстат со Валерија бебето што треба да им се роди во декември. Нека биде некое америчко, што има врска. Ќе и каже уште вечер, ќе ја израдува, таман им е годишнина…
Перо секогаш беше најпаметен. Се да му ебам…
Жарко Димитриоски