Поврзаноста на редовниот секс и успехот
Следниот пат кога на вашиот партнер ќе му кажете дека ве боли глава, размислете подобро…бидејќи според истражувањето на Ник Дридакис кој е професор на Кембриџ, активниот сексуален живот има за резултат, подобри финансиски ефекти .
Истражувања постојат многу и за многу работи, без да се има увид во деталите тешко е да се каже колку се релеветни. Но доколку сакате да верувате на истражувањето на професорот Дридакис, еве ги работите кои ги открил:
Во текот на една година истражувани се 7.500 парови и испитувани се околу нивната сексуална активност, работното време кое го имаат, платите кои ги заработуваат и сл. Заклучокот е дека оние кои имаат редовен секс, а тоа подразбира најмалку четири пати неделно подобро се платени од нивните колеги кои се помалку активни во кревет. Разликите се на статистички значајно ниво.
Секако целта на студијата не е да сугерира дека се што треба да направите за да успеете е да имате редовен секс, туку поентата е во два врзани фактори на кои се чини дека активниот сексуален живот има влијание.
Првата работа е дека луѓето кои се поактивни се посреќни и имаат поголема самодоверба. Ова предизвикува да бидат поспремни при носење на важни одлуки во текот на работата. Исто така тие се помалку склони на депресија и се попродуктивни од нивните колеги. Други истражувања дале логичен резултат дека оние кои се несреќни кога доаѓаат на работното место, се далеку понепродуктивни и помалку ефективни од нивните колеги кои среќни доаѓаат на работа. А секако ќе се согласите дека здравиот сексуален живот е значаен за вкупното ниво на среќа.
И уште еден фактор излегува на површина, а тоа е дека оние кои заработуваат повеќе се генерално попосакувани сексуални партнери. Логично поминуваат повеќе време во таква активност.
Е сега дали работната активност ќе ни донесе повеќе сексуална активност, или обратно, или можеби двете активности треба да бидат паралелни, останува да решиме сами.