Приказните на Драган Вучиќ: Со Владо Јаневски се јадевме во жолти палта
Утрово сите нè шокираше и не растажи веста дека починал Драган Вучиќ, познатиот музичар, композитор, водител и шоумен, пионер во многу нешта.
Прв беше кој измисли талент-шоу кај нас, „Вашите пет минути“. Тоа беше едно од првите музички натпревари во регионот и еден од најгледаните Тв проекти во Македонија. Малкумина паметат дека во тоа шоу, настапи еден од нашите најдобри женски вокали, која е сега во САД, Александра Пилева. Во друго негово музичко шоу подоцна, „Мак ѕвезди“, првпат пред јавноста настапи еден од нашите најпопуларните пејачи, Влатко Лозаноски-Лозано.
„Среќни коцки“, „Возење со Вучиќ“ и најновата „Гурмански муабети“ беа дел од многуте негови Тв проекти. Немаше свадба без луѓето да се веселат на неговата позната „Ника, Ника“ која испеа со групата „Кода“. Песната која е прогласена за најголем хит во историјата на „Макфест“, „Свирете ја Зајди Зајди“ е негово дело како и „Ангели ме носат“ на „Силви бенд“.
Со Вучиќ се слушнавме пред околу две недели. Го поканивме да биде дел од жирито во една од нашите карантински емисии “Талент шоу“. „Не се лутете, не е ништио лично, ама ајде да почекаме подобри времиња“, културно нè одби. Звучеше расположено и весело.
Пред околу еден месец, со задоволство се согласи да биде дел од кампањата на Еден на Еден, „Седи дома“. Во видеото што ни го испрати, најмногу нè развесели онаа негова познат смисла за хумор, нешто по што вечно ќе го паметиме. „Имам една титула и морам да ја споделам со вас, јас сум пратеник. Зошто сум, затоа што малце-малце ме праќаат на пазар. Жаре чао, драги мои, чувајте се и ве сакам“, рече Драган во видеото.
Никогаш нема да го заборавиме ниту гостувањето на Вучиќ во Еден на Еден пред седум години.
„Самиот се чудам какви прикаски кружат за мене, и самиот се изненадувам“, му изјави Драган тогаш на Жаре и една од интересните приказни кои ги раскажа е како ги заработил првите пари.
„На 15 години свирев бас гитара со татко ми, кој беше хармоникаш во „Танец“, во тогаш елитните скопски хотели, ги имаше околу 4-5. Од вторник до недела свирев секој ден навечер, а паралелно одев и на училиште, таму учев контрабас. Татко ми не ми даваше многу пари, околу 500 тогашни динари, друго сè тој зимаше . Јас ги потрошив со другарите на ќебапчиња“, раскажа Драган.
„Со Владо Јаневски се јадевме во 1993 година на Макфест. Тој во жолто палто, јас во жолто палто. Пишуваше во „Екран“, овој како славеј, овој како папагал“, раскажа Вучиќ за својот настап на „Макфест“ истата година кога тој ја пееше „Кажи грешнице“ а Владо Јаневски „ „Чаирска романтика“, и за имиџот по кој беше познат во деведесетите.
Почивај во мир пријателе, секогаш по убаво ќе те паметиме.
М.Џаровска