Сергеј Самсоненко и Андреа Лекиќ
Иако е еден од најозборуваните луѓе во Македонија околу кого се плетат разни приказни, Сергеј Самсоненко досега немаше никакво посериозно телевизиско појавување и воопшто откривање на дел од приватниот живот за кого толку многу беше љубопитна јавноста.
Токму затоа не е чудно што последната епизода од Еден на Еден предизвика огромен интерес. Сопственикот на ФК, РК и ЖРК Вардар во своето прво вакво интервју, не само што беше извонредно шармантен и зачудувачки духовит, туку и неочекувано искрен и отворен за своите бизниси, начинот на кој ги има направено неверојатните спортски трансфери, причините за преселба од Русија во Македонија и многу повеќе.
За шоуто да биде уште поимпресивно гостуваше и ѕвездата на ЖРК Вардар и официјално најдобрата ракометарка на светот, Андреа Лекиќ. За неа се зборува дека е една од најинтересните и најсимпатични ракометарки во тимот, а тоа вчера и го покажа. Од тоа дека со врзани раце победила машки каратист до тоа дека немала поим каде да ги пречека Сергеј и Индира Кастратовиќ во Белград кога овие пристигнале со приватниот авион на Самсоненко, Андреа изненади со својата непосредност и широка насмевка во текот на целата емисија.