Симон: Се дружев со Џереми Ајронс, не ја запознав Шерон Стоун
Дали знаете дека нашиот најуспешен пијанист Симон Трпчески се има дружено со легендарниот англиски глумец Џереми Ајронс?
„На еден музички фестивал во Тоскана, играв на иста сцена со легендарниот Џереми Ајронс. Тоа беше претстава за Шопен, јас бев музичарот Шопен, а тој беше човекот Шопен. Имав шанса да ја запознаам и Шерон Стоун на истата претстава, но тоа не се случи. Сопругата на Џереми Ајрнос, Шинејд Кјузак, беше замена за Шерон Стоун, и ја одигра нејзината улога“, ни раскажа Симон кога се подготвувавме за емисијата „Седи си дома“, првата карантинска емисија на Еден на Еден од Сезона 11.
Со Симон постојано се бркаме со термини и поканата да ни дојде во студио за него е секогаш отворена. Никогаш не одбил, но не начекавме момент кога ние снимаме, а тој е во Скопје. Единствено, термините ни се поклопија во март, кога започна пандемијата со коронавирусот, па на Симон за жал му беа откажани сите настапи. Жаре онлајн го пречека во неговата дневна соба, а Симон отсвире и испеа дел од македонска народна песна.
„Последен настап ми беше во Билбао, во Шпанија. А за Италија, јас го сакам италијанскиот воздух“, изјави тогаш Симон. Ве потсетуваме на емисијата „Седи си дома“, од која беше дел и Симон.