Телевизиски нокдаун: Висок рејтинг, мал ефект?!

На среден рок, телевизиите, доколку сакаат пазарно да генерираат профити ќе мора да направат модификации во редењето на ТВ-програмата, долгорочно со турските серии ќе загубат и телевизиите (кои ќе губат огласувачи и гледачи што навистина треба да ги имаат), а во крајна линија и самите гледачи на кои единствен избор ќе им бидат авантурите на Шехезерад или која и да е актуелна.
Работите за кои сметаме дека ќе не уништат, во минатото биле гледани како спас. Па така, кога нафтата почнала масовно да се користи, се сметало дека доаѓа нова ера, која ќе го придвижи човештвото со огромна брзина напред, затоа што веќе немало потреба да се користи, на пример, китот како извор на гориво за потребите на луѓето (китовите биле користени за многу работи се до оној момент кога не дошле речиси до изумирање). Денес, пак, нафтата се смета како еден од главните виновници за глобалното затоплување, кое, нели, кај и да е ќе ни ја уништи планетата.

Како настанале сапуниците?

Значи, се зависи од моментните потреби, не постои апсолутна вистина, се зависи од моментната перцепција и потреба. ТВ-сапуниците, како што веројатно знаете, биле така наречени затоа што биле спонзорирани од производителите на сапун како Палмолајв и Проктер и Гембл. Првите серијали од ваков тип биле емитувани на радио и потоа прераснале во глобален феномен, кој трае и до ден-денес. Сапуниците биле една од главните причини (иако не е со сигурност докажано) за намалување на наталитетот во една пренаселена индиска држава. Со носењето на телевизорите во спалните соби, луѓето добиле нова занимација освен правење деца. Така што нивното значење се покажало како доста корисно во Индија во тој период.

Сапуниците се феномен што е исклучително успешен и кој веројатно уште долго време ќе биде присутен на ТВ-екраните. Во САД, на пример, има серијали што траат и повеќе од 40 години и главно се емитуваат во дневни термини и имаат своја таргетирана публика, која ги консумира приказните што и се сервираат.

Кај нас, од друга страна, веќе неколку години сапуниците во форма на турски серии владеат со таканаречените ударни термини и барем засега немаат намера да го препуштат тоа место на некаков друг жанр. И како што кажавме погоре, една иста работа во една ситуација може да биде добра, а во друга да се покаже како погрешна.

Истражувањето што може да се симне на страницата на СРД го покажува профилот на македонскиот гледач, кој е еден од лидерите во светот по гледање телевизија. САД, и покрај тоа што се една од најбогатите земји, се исто така лидери по гледање ТВ (заедно со Србите, кои се пред нив), така што телевизија не гледаат само богатите. Турските сапуници се убедливо најгледаните програми кај нас, трендот што го постави телевизијата А1, го презедоа преостанатите национални телевизии и речиси без никаква промена го практикуваат до ден-денес.

Кои емисии можат да донесат поголем профит?

Од аспект на рејтинг, емитувањето на ваквите серии во ударен темин се покажало како полн погодок, затоа што овие програми се најгледани. Но тука воедно е и најголемиот проблем, доколку се погледне подетално економската демографија на луѓето што гледаат телевизија, ќе дојдеме до заклучок дека повеќе од 60% од нив не одлучуваат за набавките во семејството, што би рекло дискутабилно е колкаво е значењето на рекламирањето во овие термини. Интересно би било да се види каква е демографијата на луѓето што ги гледаат овие серии и каква е нивната куповна моќ и влијанието што го имаат во набавките во нивното семејство. Можеби во трка по рејтинг долгорочно телевизиите ќе ги загубат огласувачите, кои ќе сфатат дека ефектот на плаќање секунда во ударен термин е скап за она што го добиваат.

Лејт најт шоуата во САД, чиј концепт датира повеќе од 60 години и кој речиси не е сменет од времето на легендарниот Џони Карсон, имаат исклучително мали рејтинзи гледано како процент. Телевизијата Си-ен-би-си, која е специјализиран бизнис-канал, на пример, ја гледаат само 300.000 гледачи, и тоа во најдобрите денови. Тоа е рејтинг од само 0,1%. Но овој канал, слично и како лејт најт емисиите, е исклучително профитабилен. Телевизијата Си-ен-би-си има профит од повеќе од 300 милиони долари годишно, додека лејт најт водителите се едни од најплатените личности на телевизија.

Зошто е тоа така? Публиката што гледа вакви содржини не е голема, но е исклучително таргетирана и со високи примања. Оние 300.000 што гледаат Си-ен-би-си или тие 3 милиони што го гледаат Летерман, Кимел или Лено се исклучително моќни од потрошувачки аспект. Рејтингот сам по себе не значи ништо доколку вашите огласувачи не видат никаков ефект од рекламирањето.

Чаре?

На среден рок телевизиите доколку сакаат пазарно да генерираат профити ќе мора да направат модификации во редењето на ТВ-програмата, долгорочно со турските серии ќе загубат и телевизиите (кои ќе губат огласувачи и гледачи што навистина треба да ги имаат), а во крајна линија и самите гледачи на кои единствен избор ќе им бидат авантурите на Шехезерад или која и да е актуелна.

За доброто на сите е потребно да се обрне внимание на квалитетна домашна продукција и програма што ќе биде откупувана, но која ќе има посериозен квалитет од она што во моментов ни се сервира во ударните термини. Турските серии може и треба да останат, но не смеат да бидат единствениот избор, а публиката е гладна за сериозно квалитетна програма и доколку некогаш таква програма се појави, ефектите несомнено за брзо време ќе ги видиме.

Милан Димитриоски