Уште една „Златна бубамара на популарноста“ за Еден на Еден
На синоќешното 21. по ред доделување на „Златна бубамара на популарноста“, „Еден на Еден“ повторно беше наградена за телевизиска емисија на годината.
Водителот Жарко Димитриоски ја подигна наградата заедно со организаторот на емисијата Владо Оцевски. Сакајќи да им заблагодари на сите кои учествуваат во креирањето на најгледаното ток-шоу, Димитриоски со рап песна ги изрецитира имињата на 30-тината соработници и креатори на „Еден на Еден“.
Ова е трето признание за најдобра телевизиска емисија за „Еден на Еден“, која веќе девет години е дел од македоскиот етер. Сезонава емисијата беше домаќин на неколку екслузивни имиња меѓу кои и американскиот амбасадор Џес Бејли, министерот за надворешни работи Никола Димитров, Кирил Поп Христов- Кили, Сашко Коцев и многу други.
Наградата за забавно-сатирична емисија повторно замина во рацете на нашите пријатели „Фчерашни новости“ . Екипата во полн состав се појави на сцената во „Борис Трајковски“, го изведоа и нивниот последен хит „Киснам во архив“, а наградата ја прими ѕвездата на третата сезона, Бојан Арсовски, попознат како „Двојникот на Груевски“.
Пародичните вести се дело на Бранко Огњановски, а емисијата веќе две години е вистински телевизиски хит. Ова е второ признание за најдобра телевизиска забавно сатирична емисија за „Фчерашни новости“.