„Врба“ на Манчевски собира аплаузи насекаде

Долгиот аплауз за режисерот и за филмската екипа беше сосема заслужен, на гала премиера на „Врба“, новиот филм на Милчо Манчевски изминатиот викенд, на скопската премиера во Филхармонија. „Врба“ собра аплаузи и на премиерите во Битола, Охрид и Штип, а позитивни критики добива и од публиката која го гледаше во скопските кина. На седми ноември е закажана уште една проекција во Штип, во Домот на млади од 20 часот.

„Врба” е емотивна, топла и реална приказна, поточно филм во кој се преплетуваат три приказни, една од средниот век, а другите две се современи. За љубовта, за мајчинството, за копнежот на секоја жена и маж да имаат дете, за искреното пријателство и за човечката ограниченост, раскажува Манчевски во „Врба“. Дрвото за кое во народот се верува дека симбол на жалоста и на тагата, успешно ги спојува приказните од филмот, и денешните и средовековната.


Филмот е во продукција на “Банана филм” и е македонско-унгарско белгиска копродукција.
Трите женски главни актерки успешно го раскажуваат сценариото: Сара Климоска, Наталија Теодосиева, и Камка Тоциноски, но и двајцата главни актери Никола Ристески и Ненад Нацев.

Интересен момент е што меѓу епизодните улоги се и нашите пријатели од „Фчерашни новости“, како и Тино Костадиновски но и великаните Благој Чоревски, Петар Мирчевски и Лазе Манаскоски.

Помали, но впечатливи улоги имаат и Ратка Радмановиќ, Ана Костовска, Катина Иванова, Кире Ѓоревски, Адем Карага, Јелена Јованова-Периќ.


Музиката ја напиша Кирил Џајковски, дизајнер на продукција е Дејвид Манс, директор на фотографија е Тамаш Добош, а продуцент на филмот е Јане Ќортошев.