Жаре – Зошто ич не ми чуе што и ова лето нема да го имам совршеното торзо?

Кога ќе станам си правам свежо цеден сок од портокал, целер, моркови и рамбутан кој ми го носат еднаш месечно од југоисточна Азија. Тоа е единствениот мој оброк до ручек. Пред да почнам со дневните обврски возам половина час на статичниот велосипед, а веднаш по работното време одам во теретана каде дигам тегови и вежбам кардио околу два часа.

КОЛКУ НЕ! КОЈ ПРИ СВЕСТ ГО ПРАВИ ТОА БЕЗ ДА ИМА ФАКИН ТРОЕН БАЈПАС?!?!

Вистината е дека вчера за доручек јадев четврт вртена пита со спанаќ и пола литро јогурт, за ручек изедов дупла порција пилешки прсти, а за вечера јадев од зелка-манџата што ја имав за ручек. Пре би да јадам некоја добра тестенина навечер или сендвич некој да си направам ама некако имав грижа на совест што не јадев од “ручекот”, па си реков зошто да не, лапај остатоците!

А да, да не заборавам… Пред легнување со филмче јадев пуканки и пиев пиво. И така отприлика, нешто слично е секој ден и секоја вечер…

Јас сум далеку од типот што опсесивно билда мускули и прави “дефиниции” и имам поприлично просечно машко тело. Таквите пак, убеден сум дека сето тоа го прават поради некоја желба за компензирање. Некаде во душата од икс причини нешто им фали, па пробуваат да го надополнат со некое килце плус на “бенч”. Можеби се емотивно осакатени од некоја девојка, можеби како мали ги оставале последни кога се делеле за фудбал, можеби маалски прекар им бил женска варијанта на нивното име, а можеби и не се сигурни дека баш девојки им се допаѓаат повеќе, па треба да си докажат дека се сепак мачо. Но, далеку од тоа дека се сите вакви btw… Си има и солидни луѓе за кои сето тоа е само спорт и ништо повеќе.

Што ме носи до следната мисла. Спорт… Многу од вас сега ќе речат дека е доста идиотски од моја страна да го зборувам сето ова небаре имам 115 кг и во зграда сум познат како “дебелиот од трети”. Но, мора да признаете, мојата секојдневна диета и не се разликува многу од неговата. Знам, го гледам, јадеме во истите кафани… Па, каде е разликата? Е има разлика, што би рекле од партијата на власт. Има разлика…

Разликата е баш во спортот. Минимум два до три пати неделно пешачам по час, час и половина. Сум трчал, сум одел во теретани, сум качувал планини… Добро, не сум качувал планини ама другото да! И ништо не ми се допаѓало… Се додека не фатив да терам една супер мерачка комбинација. Пешачење и моите омилени подкасти и аудиокниги во слушалки. Милина… Си го најдов мојот спорт! А мислиш ми се спортува? Хахахаххахаахахаха!

Еве што сакам да кажам… Одберете си некоја физичка активност што ќе ви одговара и што ќе ви се допаѓа. Заебете ги сите лични психолошки фрустрации и несигурности што ве тераат да “пумпате железа” во теретана или да ја добиете “совршената линија за ова лето”. Физичката активност не е ништо поразлична од одењето на гинеколог, вадењето крвна слика, прегледот на простата кај постарите мажи и сл… Се што набројав е избор! Избор да водиш грижа за сам себе. А за сите вас што ве мачи тоа како ќе реагираат другите кога на плажа ќе го видат вашето несовршено тело, ќе ви кажам само дека сте страшни егоцентрици! Верувајте ми, повеќето луѓе се егоцентрици исто како вас и од што се толку завладеани со “јас, јас и само јас” девизата нема ни да ве забележат вас и вашиот “проблем”.

Сакате искрено да ви кажам зошто пешачам? За да можам да јадам и да пијам! Обожавам да јадам зошто сум гурманиште и кога ќе се зајадам не знам за доста од убавини, а зошто сакам да пијам ќе објаснам со еден цитат од славниот американски комичар Џеки Глисон – “Да ми правеше кока колата тоа што ми прави водката, и те како ќе пиев кока кола наместо водка!” Мојот избор е тој. Ме заболе за совршено обликуваните делтоиди, трапези и лудачки стегнатиот квадрицепс феморис. Лудачки совршено сум среќен со тавче гравчето и ладното пивце, а за тоа што можам во нив да уживам секојдневно треба да му заблагодарам на нивниот заколнат непријател – спортот.

Пронајдете си ја вашата идеална комбинација и уживајте во неа. Имате избор, изберете да се грижите за самите себе. На крајот на краиштата, кој друг треба тоа да го направи тоа за вас?

Се гледаме на кеј или во блиската кафана! 🙂

Жарко Димитриоски