8 НАЈВАЖНИ РАБОТИ ЗА ВОДЕЊЕ НА НОВ И УСПЕШЕН ТИМ
Секој петок летово, креативниот директор на агенцијата Еден на Еден и водител на вашето омилено ток-шоу, Жаре објавува колумни инспирирани од секојдневната работа на тема бизнис, претприемништво, маркетинг и слично во т.н. Летна школа со Жаре. Истите се напишани за македонскиот бизнис сајт faktor.mk, а специјално за вас ги пренесуваме и тука.
Денеска – 8 НАЈВАЖНИ РАБОТИ ЗА ВОДЕЊЕ НА НОВ И УСПЕШЕН ТИМ
***
Еден на Еден е мала маркетинг агенција и видео продукција. Во досегашната работа имаме многу проекти на кои сме особено горди, рекламни кампањи кои постигнале големи успеси, масовно посетени евенти кои се прераскажувале уште долго по одржувањето итн. Сме имале многу научени лекции и имаме уште многу лекции да учиме. Далеку сме од целта, но патуваме сигурно и со брзо темпо. Еве ги според мене, 8те најважни работи за тоа како правилно да се води мал, млад и исклучително успешен тим.
Имај јасна визија
Ако сакаш некаде да стигнеш, мора да знаеш каде одиш. Мора да се има некоја цел, некој зацртан пат, некоја точка до која сакаш да дојдеш. Ако го земеме шоуто Еден на Еден како пример, тоа е проект кој сеуште е далеку од тоа како ние го замислуваме т.е. како сакаме ние да изгледа. Но, знаеме која ни е целта и од сезона во сезона се повеќе го приближуваме до неа. Наесен ќе започнеме со сезона 7, која секако ќе биде чекор понапред до целта од тоа што беше шестата сезона, која пак беше чекор понапред од петтата сезона итн. Имај кристално јасна визија за крајната цел и се ќе биде полесно.
Внимавај кого вклучуваш во тимот
Исклучително важно нешто. Во нашето работење сме соработувале и сме ангажирале врвни професионалци и многу ентузијасти, докажани луѓе и најдобрите во браншата, но и луѓе кои допрва требало да покажат што знаат… Многу е важно во првите неколку години да се опкружиш со луѓе кои ќе се пронајдат во тимот и кои ќе работат за доброто на истиот. Но, не може сите да бидат аматери кои ќе учат попатно, мора да се најдат и професионалци кои ќе сакаат да помогнат и ќе бидат подготвени да ја завршат работата за можеби некој денар помалку, на одложено плаќање и сл. Откако ќе се набилда портфолиото е лесно, но додека да се стигне до тој момент мора да се внимава со кого и како се работи. Не смее да се дозволи ниедна грешка, ниеден незадоволен клиент, но и ниеден несреќен вработен во тимот.
Бирај си ги клиентите
Иако во почетоците е навистина тешко да се одолее, не смее да се залетуваш кон секој клиент што е заинтересиран за твојата услуга. Не може по секоја цена да се прифаќаат сите понуди за соработка. Зошто е тоа така? Додека се гради тимот, брендот, портфолиото, круцијално е да се соработува со клиенти кои се вклопуваат во твојата долгорочна визија, а секако и твојата компетентност. Што ако бидеш ангажиран за нешто на кое реално не можеш да одговориш или што ако прифатиш нешто кое е надвор од твојот реален капацитет? Клиентот ќе остане незадоволен, а ти ќе останеш со “badwill” на чело. Сепак, ова е мал пазар и киксови се непростиливи затоа што гласот се шири брзо, а лош глас е недозволив.
Имај ја правата работна средина за твојот тим
Неодамна нашата агенција се пресели на нова локација која уште подобро овозможува искористување на полниот капацитет на нашиот тим. Исклучително важно е вработените да чувствуваат слобода, елан за работа и да имаат пријатна работна атмосфера по свој мерак. Нашите пријатели од компанијата IWM Network на пример, се исто така исклучително успешни во овој сегмент од работата. Членовите на тимот не смее да чувствуваат мака поради тоа што одат “на работа”. Напротив, треба да се направи се што е во границата на возможното тие да бидат среќни со своето работно место и работна атмосфера, нешто што во IWM Network е доведено до совршенство, исто како кај нивните поголеми IT колеги од силиконската долина во Сан Франциско. Доколку вработените се максимално инспирирани, ќе дадат врвни резултати во ефективноста, продуктивноста, на брејнсторминзите и сл.
Никогаш не престанувај со учење
Инвестирај во знаењето на твојот тим. Купувај им книги, охрабри ги да се зачленат на онлајн курсеви, помогни им да се изградат дополнително како индивидуалци не само во браншата туку и воопшто како личности. Така ќе допринесат максимално и кон себе и кон тимот. Во нашата агенција редовно пазариме книги од амазон кои подоцна ги чита секој кој сака. Се влечат идеи, се црпат инспирации, едноставно нема зијан. Напротив, тоа е вистинска вин-вин ситуација.
Биди иновативен и различен
Предноста во тоа што си лидер на мал тим е токму тоа – малиот тим има десетици и десетици предности спрема гигантите. Тоа што си Давид не значи дека треба да му се предадеш на Голијат, туку да ги искористиш неговите слабости. Нашата компактност и посветеност (нешто кое “големите” едноставно не може да си го дозволат) беше причина да добиеме еден многу интересен меил. Имено, еден клиент неколку недели претходно почна да ги користи нашите услуги откако ја прекина соработката со некоја од “големите” компании. Во меилот напиша 4-5 реченици во кои објасни дека е неверојатно среќен и изненаден од брзината со која реагираме, посветеноста на неговите проекти, идеите со кои деноноќно излегуваме и сл. Тоа што водиш мал тим може да биде вистинско освежување и бенефит за твоите клиенти. Само, секако, внимавај да не дадеш премногу т.е. внимавај количината да биде одржлива на долг рок. Никој не сака да добие перфектна услуга еден месец, само за следниот истата да биде преполовена. Ќе следува “badwill” на чело, а веќе рековме дека тоа не го сакаме…
Вработените се вработени, робовите се робови
Едно многу тазе истражување кое го прочитав, спроведено меѓу компании од Велика Британија, вели дека кај дури 50% од вработените најголема грижа е неквалитетното балансирање помеѓу работата и приватниот живот. Во однос на тоа, навистина круцијално е да се изнајде начин тимот да добие достојна почит на приватноста и народски кажано, да се воздржиш од тоа да “им ја цедиш маста”, како што знаат голем дел од компаниите кај нас. Токму затоа се и ретки вработените кои се презадоволни од своето работно искуство (секако, не зборувам за оние кои земаат дебелки, натпросечни плати). Ако ги цедиш вработените на 102.5% што би рекол Амди Бајрам, набрзо ќе ги потрошиш. А како што тоа Марфи знае многу убаво да го направи, истото ќе се случи токму тогаш кога ќе ти требаат најмногу.
Сакај си ја работата
Вечниот муабет помеѓу мене и мојот брат, со кого заедно ја водиме нашата компанија. Сепак, и во овој текст ќе останам на моето – треба да го сакаш тоа што го работиш! Џабе ти е да земеш било кој, доколку не го сака тоа што го работи, кога-тогаш истото ќе донесе лош резултат. Истото важи и за тебе како лидер. Само со максимална љубов кон работата ќе можеш да се посветиш маскимално. А во бизнисот и приватниот сектор едноставно не постои алтернатива. Даваш 100% или не даваш ништо!
Жаре
***
Прочитај ја првата колумна од летната школа (КАКО СЕ РАЗГОВАРА СО ВАСКО ЕФТОВ И ШАБАН ШАУЛИЌ) ТУКА
Прочитај ја втората колумна од летната школа (7 СОВЕТИ ЗА СЛЕДНИОТ СТИВ ЏОБС ОД БЕРОВСКО) ТУКА
Прочитај ја третата колумна од летната школа (ШТО ИМ ТРЕБААТ ВАКВИ ГЛУПОСТИ НА ГУГЛ И МАРИНЦИТЕ?) ТУКА
Прочитај ја четвртата колумна од летната школа (АКО ИМАШ ОДЕЛО, НЕ ЗНАЧИ ДЕКА ЗНАЕШ КАКО ДА ЈАДЕШ) ТУКА
Прочитај ја петтата колумна од летната школа (ВО СЕКОЕ ЛОШО ИМА ДОБРО – ДАЛИ ТОА ВАЖИ И КАЈ НАС?) ТУКА
Прочитај ја шестата колумна од летната школа (АЈДЕ ДА ГО НАПРАВИМЕ НЕЗАМИСЛИВОТО!) ТУКА
Прочитај ја седмата колумна од летната школа (КОРИСНИ БИЗНИС СОВЕТИ ОД НАЈПОЗНАТИОТ СВЕТСКИ БАСИСТ) ТУКА