КАКО ДА ПОБАРАШ ПОГОЛЕМА ПЛАТА?

Секој петок летово, креативниот директор на агенцијата Еден на Еден и водител на вашето омилено ток-шоу, Жаре објавува колумни инспирирани од секојдневната работа на тема бизнис, претприемништво, маркетинг и слично во т.н. Летна школа со Жаре. Истите се напишани за македонскиот бизнис сајт faktor.mk, а специјално за вас ги пренесуваме и тука.

Денеска – КАКО ДА ПОБАРАШ ПОГОЛЕМА ПЛАТА?

***

Сум бил во ситуација да се бара поголема плата од мене, сум бил во ситуација да барам поголема плата и јас самиот. Посебно додека бев во А1 телевизија и додека се качував кон позицијата уредник, повеќе пати барав и добивав поголема плата. Но, секој сака да знае како и кога да побара, во кој момент, со кое прашање и сл. Сигурен сум дека нема некоја конкретна формула, но од свое искуство можам да го кажам следново…

1.       Твојот газда треба да те знае како топла и позитивна личност

Кога доаѓаш на работа не се фрлај веднаш на меиловите, факсовите, не ја уништувај тастатурата од куцање уште во првите три секунди од работното време. Не велам да бидеш некој џаболебар кој времето ќе го помине во муабетење со колегите за најновите трансфери и за тоа кој што правел викендот, но по некој ред муабет или кафе со твојот претпоставен и со твоите колеги пред секој да си се фати за работа може да биде доста продуктивно за Д-денот кога ќе го бараш покачувањето. Сите ние кои сме нечии претпоставени сакаме силни и посветени работници, но сакаме истите да се и позитивни личности на кои може да им веруваме.

2.       Не е важно колку време си во компанијата, важно е во кој момент ќе прашаш

Тајминг. Една од најважните работи во животот. Сум имал ситуација кога за нешто вакво сум дискутирал со некој кој бил во нашата агенција уште од првиот ден. Заслужен работник, одличен член на тимот. Но, дали му беше тајмингот во ред? Веќе го знаете одговорот… Наместо тоа, би требало да се фокусираш на финансискиот статус на компанијата. Дали сте пријавиле добра година, дали имате потпишано повеќе јаки долгорочни договори со некој од Вашите партнери или сл.

Замисли ја следнава ситуација – компанијата се мачи да преживее, ти си сопственикот и на врата ти чука вработен со барање за поголема плата. Ќе сметаш дека тоа му е паметен избор или ќе сметаш дека сака само да нанесе додатна штета? (нормално не буквално, но сепак…)

3.       Немој да мислиш дека вредиш онолку колку што самиот ќе решиш

Секогаш кога сум барал покачување сум се обидувал да дознаам отприлика што можам да побарам. Кога станував уредник во А1 телевизија сакав најпрво да дознаам која е најниската уредничка плата за да знам со што можам да се задоволам и секако, до каде можам да одам со моето барање. Убаво е да се знае дека човек вреди. Убаво е да имаш високо мислење за себеси и за тоа колку вредиш. Но, во бизнисот не е доволно само да знаеш колку вредиш, туку и колку вредна е и твојата позиција.

4.       Фокусирај се на твоите достигнувања

Доста луѓе ја прават грешката да потенцираат дека нивната плата е пониска од стандардот на професијата или дека некои од колегите земаат повеќе и сл. Не дека тоа во 10 од 10 случаи ќе доведе до изрично НЕ од претпоставениот, но мислам дека подобра е поинаква тактика. Имено, според мене секогаш е добро да се фокусираш строго на твоите достигнувања и на начинот на кој си ја направил компанијата подобра и на тоа како ќе ја направиш уште подобра во иднина. Оној кој одлучува треба да сфати што претставуваш и каква алатка си за фирмата. Ситни мерења со останатите нема да те доведат никаде.

5.       Избегнувај ултиматуми

“Ако не ми ја покачиш платата, веќе ме чекаат таму и таму” – верувај ова нема да ти донесе ништо… Ако си толку сигурен во својата работна етика, тогаш шефот веќе знае дека си злато и дека сигурно веднаш ќе најдеш нова работа, ако веќе и немаш некоја понуда на масата. Овде ќе се надоврзам на претходната точка. Наместо да поставуваш ултиматуми, фокусирај се на своите достигнувања. Доколку мојот најдобар работник преговара со мене, воопшто нема на памет да ми падне дали ќе си најде друга работа. Зарем Лео Меси би имал проблем да најде клуб доколку сака да замине од Барселона?!

Жаре

***

Прочитај ја првата колумна од летната школа (КАКО СЕ РАЗГОВАРА СО ВАСКО ЕФТОВ И ШАБАН ШАУЛИЌТУКА

Прочитај ја втората колумна од летната школа (7 СОВЕТИ ЗА СЛЕДНИОТ СТИВ ЏОБС ОД БЕРОВСКОТУКА

Прочитај ја третата колумна од летната школа (ШТО ИМ ТРЕБААТ ВАКВИ ГЛУПОСТИ НА ГУГЛ И МАРИНЦИТЕ?ТУКА

Прочитај ја четвртата колумна од летната школа (АКО ИМАШ ОДЕЛО, НЕ ЗНАЧИ ДЕКА ЗНАЕШ КАКО ДА ЈАДЕШ) ТУКА

Прочитај ја петтата колумна од летната школа (ВО СЕКОЕ ЛОШО ИМА ДОБРО – ДАЛИ ТОА ВАЖИ И КАЈ НАС?) ТУКА

Прочитај ја шестата колумна од летната школа (АЈДЕ ДА ГО НАПРАВИМЕ НЕЗАМИСЛИВОТО!) ТУКА

Прочитај ја седмата колумна од летната школа (КОРИСНИ БИЗНИС СОВЕТИ ОД НАЈПОЗНАТИОТ СВЕТСКИ БАСИСТ) ТУКА

Прочитај ја осмата колумна од летната школа (8 НАЈВАЖНИ РАБОТИ ЗА ВОДЕЊЕ НА НОВ И УСПЕШЕН ТИМ) ТУКА

Прочитај ја деветтата колумна од летната школа (СООЧУВАЊЕ СО СТРАВОВИТЕ ЗА ВРЕМЕ НА БИЗНИС КРИЗА) ТУКА